22277/93

WyrokETPCz2000-06-27ECLI:CE:ECHR:2000:0627JUD002227793

Analiza orzeczenia

Sekcja wygenerowana przez AI na podstawie treści orzeczenia — nie stanowi cytatu.

Zagadnienie prawne
Czy pobicie przez żandarmów, brak natychmiastowej pomocy medycznej i nieskuteczne postępowanie wyjaśniające naruszyły prawo do życia (art. 2), zakaz tortur (art. 3) oraz prawo do skutecznego środka odwoławczego (art. 13) Konwencji?
Ratio decidendi
Trybunał uznał, że pobicie Abdullatifa Ilhana przez żandarmów, w tym uderzenie kolbą karabinu w głowę, skutkujące poważnymi obrażeniami mózgu i długotrwałymi konsekwencjami, stanowiło tortury w rozumieniu art. 3 Konwencji, ze względu na dotkliwość cierpienia i okoliczności, w tym opóźnienie w udzieleniu pomocy medycznej. Stwierdził, że użycie siły nie było śmiertelne i nie osiągnęło takiego stopnia, aby stanowić naruszenie art. 2 Konwencji. Ponadto, Trybunał orzekł, że władze tureckie naruszyły art. 13 Konwencji, nie przeprowadzając skutecznego i rzetelnego dochodzenia w sprawie zarzutów tortur, co uniemożliwiło poszkodowanemu dostęp do innych środków prawnych.
Stan faktyczny
Abdullatif Ilhan, brat skarżącego, został aresztowany przez żandarmów w tureckiej wiosce Aytepe 26 grudnia 1992 roku. Podczas aresztowania został pobity, w tym uderzony kolbą karabinu w głowę, co spowodowało poważne obrażenia mózgu i długotrwałą niepełnosprawność. Pomimo widocznych obrażeń, pomoc medyczna została udzielona mu z opóźnieniem około 36 godzin. Władze krajowe, w tym prokurator, nie przeprowadziły skutecznego dochodzenia w sprawie incydentu, opierając się na niewiarygodnych zeznaniach żandarmów.
Rozstrzygnięcie
Trybunał odrzucił wstępne zarzuty Rządu. Stwierdził brak naruszenia art. 2 Konwencji. Stwierdził naruszenie art. 3 Konwencji. Stwierdził naruszenie art. 13 Konwencji. Zasądził zadośćuczynienie materialne i niematerialne oraz zwrot kosztów i wydatków.

Pełny tekst orzeczenia

© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ. © Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document. © Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.     СЛУЧАЈОТ НА ИЛХАН ПРОТИВ ТУРЦИЈА    (Жалба бр. 22277/93)         ПРЕСУДА     СТРАЗБУР   27 јуни 2000       Во случајот на Илхан против Турција Европскиот суд за човекови права кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од следниве судии:              Г-дин              Л. Вилдхабер (L. Wildhaber), претседател  Г-дин Ј.-П. Коста (J.-P. Costa),  Г-дин А. Пастор Ридруехо (A. Pastor Ridruejo),  Г-дин Л. Ферари Браво (L. Ferrari Bravo),  Г-дин Г. Бонело (G. Bonello),  Г-дин Ј. Макарчик (J. Makarczyk),  Г-дин П. Курис (P. Kūris),  Г-ѓа  Ф. Тилкен (F. Tulkens),  Г-дин В. Буткевич (V. Butkevych),  Г-дин Х. Касадевал (J. Casadevall),  Г-ѓа  Н. Вајиќ (N. Vajić),  Г-ѓа  Х.С. Греве (H.S. Greve),  Г-дин А.Б. Бака (A.B. Baka),  Г-дин Р. Марусте (R. Maruste),  Г-ѓа  С. Ботоучарова (S. Botoucharova),  Г-дин М. Угрекелидзе (M. Ugrekhelidze),  Г-дин Ф. Голкуклу (F. Gölcüklü), ад хок судија како и г-динот М. Де Салвиа (M. de Salvia), секретар, Откако го разгледа случајот на затворени седници на 2 февруари, 29 март и 30 мај 2000 год., Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум: ПОСТАПКА 1. Случајот беше упатен до Судот во согласност со одредбите што важеа пред да стапи на сила Протоколот бр. 11 од Конвенцијата за човекови права и основни слободи („Конвенцијата“)[1] од страна на Европската комисија за човекови права („Комисијата“) (Член 5 § 4 од Протоколот бр. 11 и поранешните членови 47 и 48 од Конвенцијата). 2. Случајот што произлегува од жалбата (бр. 22277/93) против Република Турција поднесена до Комисијата во согласност со поранешниот член 25 од Конвенцијата од страна на турскиот државјанин, г-динот Насир Илхан („жалителот“), на 24 јуни 1993 год. 3. Жалителот тврдеше дека неговиот брат Абдулатиф Илхан бил претепан од страна на жандармите кога бил фатен во неговото село и дека не му била укажана потребната медицинска помош за повредите кои биле сериозни. Тој исто така се жалеше на недостаток на делотворен правен лек во однос на овие прашања и за дискриминација по основ на курдското потекло на неговиот брат. 4. Комисијата ја прогласи жалбата за допуштена на 22 мај 1995 год. Во својот извештај од 23 април 1999 год. (поранешниот член 31 од Конвенцијата), таа го презентираше мислењето дека имало повреда на членот 2 од Конвенцијата (со дваесет и седум гласови наспроти пет); дека имало повреда на член 3 (едногласно); дека имало повреда на членот 13 (со дваесет и девет гласови наспроти три); и дека имало повреда на членот 14 (едногласно)[2]. 5. На 20 септември 1999 година Големиот судски совет одлучи дека случајот ќе се разгледува од страна на Големиот судски совет на Судот (член 5 § 4 од Протоколот бр. 11 и правилата 100 § 1 и 24 § 6 од Деловникот на Судот). Големиот судски совет ги вклучи по службена должност г-динот Р. Турмен, судија избран од Турција (член 27 § 2 од Конвенцијата и правилото 24 § 4), г-динот Л. Вилдхабер, претседател на Судот, г-ѓата Е. Палм, потпретседател на Судот и г-динот Ј.-П. Коста и г-динот М. Фишбах, потпретседатели на секции (член 27 § 3 од Конвенцијата и правило 24 §§ 3 и 5 (а)). Другите членови кои беа назначени за да се заокружи Големиот судски совет беа г-динот А. Пастор Ридруехо, г-динот Џ. Бонело, г-динот Ј. Макарчик, г-динот П. Курис, г-ѓата Ф. Тилкен, г-ѓата В. Стражницка, г-динот В. Буткевич, г-динот Х. Касадевал, г-ѓата Х.С. Греве, г-динот А. Б. Бака, г-динот Р. Марусте и г-ѓата С. Ботоучарова (правилата 24 § 3 и 100 § 4). 6. Последователно г-динот Турмен, којшто учествуваше во разгледувањето на случајот од страна на Комисијата се повлече од своето место во Големиот судски совет (правило 28). На 22 октомври 1999 година Турската влада („Владата“) го назначи г-динот Ф. Голцуклу да присуствува како ад хок судија (член 27 § 2 од Конвенцијата и правило 29 § 1). Г-динот Фишбах и г-ѓата Стражницка, коишто беа спречени да учествуваат во понатамошното разгледување на случајот беа заменети од г-ѓата Н. Вајиќ и г-динот М. Угрекхелидзе, како судии на замена (правило 24 § 5 (б)). 7. И жалителот и Владата поднесоа молба. Во својата молба жалителот наведува дека повеќе не ги вклучува своите жалби согласно членот 14 од Конвенцијата. 8. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 2 февруари 2000 година.   Пред Судот се појавија: (а) за Владата  г-динот М. Озмен (M. Özmen),  агент,  г-ѓа Ј. Кајалп (Y. Kayaalp),  г-динот О. Зејрек (O. Zeyrek),  г-ѓата М. Ѓулсен (M. Gülsen),  г-динот Х. Четинкаја (H. Çetinkaya), советници; (б) за жалителот  г-ѓата Ф. Хемпсон (F. Hampson),  адвокат,  г-ѓата А Риди (A. Reidy),  г-динот О. Бајдемир (O. Baydemir),  г-ѓата Р. Јалчиндаг (R. Yalçindağ),  г-динот М. Килавуз (M. Kilavuz), советници.   Судот ги сослуша обраќањата на г-ѓата Хемпсон и г-динот Озмен. 9. На 31 мај 2000 г-ѓата Палм, којашто не беше во можност да земе учество во понатамошното разгледување на случајот беше заменета од г-динот Л. Ферари Браво (правило 24 § 5 (б)). ФАКТИ I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ 10. Фактите на случајот, особено во врска со настаните од 26 и 27 декември 1992 година кога Абдулатиф Илхан, братот на жалителот бил уапсен од страна на жандармите за време на операција во селото Ајтепе и бил однесен во болница на итно медицинско лекување заради сериозна повреда на главата беа предмет на спорот на странките. Комисијата во согласност со поранешниот член 28 § 1 (а) од Конвенцијата, спроведе истрага со помош на странките. Делегатите на Комисијата сослушаа сведоци во Анкара меѓу 29 и 30 септември 1997 година и на 4 мај 1998 година. Меѓу сведоците беше и жалителот; неговиот брат Абдулатиф Илхан; Ибрахим Карахан, селанец кој бил уапсен за време на истата операција; Шереф Чакмак, командир на централната жандармерија на Мардин, кој ја водел операцијата во Ајтепе; Ахмет Курт, командир на локалната жандармериска станица во Конакли; Селим Уз, жандарм кој го отслужувал својот воен рок во Конакли; д-р Мехмет Ајдоган, лекарот којшто го прегледал Абдулатиф Илхан во Државната болница во Мардин; д-р Омер Рахманли, којшто го лекувал Абдулатиф Илхан во Државната болница во Дијарбакир; д-р Селахатин Варол, од Државната болница во Дијарбакир; Абдулкадир Ѓунгорен, јавниот обвинител од Мардин; и Нури Ај, војник со медицинска обука којшто служел во Мардин. 11. Фактичките наоди на Комисијата коишто се прифатени од жалителот се дадени во нејзиниот извештај од 1 март 1999 година и сумирани подолу (Дел А). Релевантните домашни постапки и поднесоците на Комисијата во врска со фактите исто така се сумирани подолу (Деловите Б и В). А. Фактичките наоди на Комисијата 12. Абдулатиф Илхан живеел во селото Ајтепе лоцирано во југоисточниот регион на Турција, околу 60 до 70 км од градот Мардин. Тој бил под јуриздикција на жандармериската команда во Мардин. Најблиската жандармериска станица била во Конакли, неколку села подолу. Централниот провинциски жандармериски командир, Шереф Чакмак го знаел селото. Бил информиран дека семејството на Илхан соработува со ПКК (Курдската Работничка Партија), која во тоа време била многу активна во регионот. Тој исто така се сомневал дека и селанецот Ибрахим Карахан бил вмешан во ПКК. 13. Селото Ајтепе било сместено на висок терен во ридска област. Под селото кон југ имало градина, опишана како простор со овошки и грмушки. Описите на оваа област дадени од сведоците пред делегатите на Комисијата варираа. Тоа бил заедничко земјиште со ѕидови од камења во градината, кои на места биле доста високи. Имало реки или потоци источно и западно од овој простор. 14. На 26 декември 1992 година нешто пред зората, жандармите од Мардин под команда на Шереф Чакмак и помогнати од луѓето од станицата во Конакли, започнале операција во селото Ајтепе. Во извештајот на централната провинциска жандармериска команда во Мардин се наведува дека селанецот Мехмет Коца бил баран за тоа што криел две лица кои биле барани за помагање на ПКК. Времето било многу студено, со снег на теренот. 15. Абдулатиф Илхан и Имрахим Карахан ги виделе војниците како се приближуваат кон селото од околните ридови. Од претходно искуство се плашеле дека може да бидат тепани. Избегале за да се сокријат во градините јужно од селото. Не чуле никој да вика по нив да застанат. Ахмет Курт, командирот на станицата во Конакли, видел со двоглед како двајца мажи бегаат. Му било наредено од командирот на операцијата, Шереф Чакмак да ги уапси. Зел тим од седумнаесетмина и отишле во градините. 16. Жандармите ги нашле двајцата мажи како се кријат зад грмушките и дрвјата во просторот на градината. Ибрахим Карахан не се обидел да бега кога бил откриен. Тој бил тепан и клоцан од жандармите. Абдулатиф Илхан го пронашле како се крие во близината и го опколиле. Ибрахим Карахан ги видел жандармите како го клоцаат. Тој исто така ги видел како ги подигнувале и спуштале своите пушки како да го удираат Абдулатиф Илхан со кундаците. Меѓутоа не видел некој кундак да го удри. Абдулатиф Илхан се сеќава дека бил клоцан повеќепати и дека бил удрен по колкот со цевката од пушка Г3 при што му ја расекла кожата до долу. Исто така бил удрен од десната страна од главата со кундак од пушка. Загубил свест и малку се сеќава од неделата после тоа. Жандармите го потопиле во реката што била во близината за да го освестат. 17. Комисијата го одбила како неверојатно и контрадикторно сведочењето на жандармите во врска со апсењето на двајцата мажи. Ниту Ахмет Курт ниту Шереф Чакмак не биле сведоци на апсењето на Ибрахим Карахан или Абдулатиф Илхан, а на нивните изјави им недостасувала веродостојност. Селим Уз тврдел дека го пронашол Абдулатиф Илхан скриен во грмушките и дека тој почнал да бега при што двапати паднал во близина на реката. Меѓутоа Комисијата утврди дека неговото сведочење не било доследно во однос на низа клучни точки, и дека ги презентирал своите докази на чисто ослободителен начин. При деталното испитување тој исто така признал дека не можел да види што точно се случило. Затоа Комисијата утврди дека Владата не обезбедила сведок којшто недвосмислено може да изјави дека бил сведок кога Абдулатиф Илхан се здобил со повредите како резултат на пад. Таа го прифати сведочењето на Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан, за кои утврди дека се веродостојни и убедливи. 18. Ибрахим Карахан и Абдулатиф Илхан биле донесени кај командантот на операцијата, Шереф Чакмак којшто ги чувал надвор од селото до крајот на операцијата. Трет човек, Вејси Аксој, исто така бил уапсен за помагање на ПКК. Комисијата не го прифати како веродостојно сведочењето дека бил запален оган за да го стоплат Абдулатиф Илхан. Ниту дека му биле донесени суви алишта од селото. Во тој момент Абдулатиф Илхан имал видлива повреда на главата со модрица околу левото око и рана на десната страна од главата која била крвава. Тој куцал, заради повредата на левата нога. Исто така имало и забележителни проблеми во начинот на кој зборувал кога Шереф Чакмак го испрашувал во тоа време. 19. Извештај за настанот бил изготвен од страна на жандармите со датум од 26 декември 1992 г. Во него се вели дека Ибрахим Карахан и Абдулатиф Илхан не застанале кога тоа им било наредено и дека Абдулатиф Илхан паднал низ удолница при што си ги повредил левото око и ногата. Извештајот бил потпишан од Шереф Чакмак, Ахмет Курт и Селим Уз. На него се и видливи потписи на Ибрахим Карахан и Абдулатиф Илхан. Меѓутоа, Абдулатиф Илхан бил неписмен и не знаел да си го потпише името. Тој генерално ставал отпечаток од палецот на документи. Иако во извештајот се тврди дека бил изготвен и потпишан на лице место од присутните лица, Комисијата забележа дека Ахмет Курт и Селим Уз се присетиле дека го потпишале подоцна. Таа исто така утврди дека се работело за неверодостоен и лажен документ којшто не кореспондирал на настаните усно опишани од жандармите. 20. По завршувањето на операцијата во селото, жандармите се вратиле во станицата во Конакли. Абдулатиф Илхан не можел да оди. Ибрахим Карахан го носел до следното село, Ахметли, каде што добиле магаре. Абдулатиф Илхан јавал на магарето до Конакли, а Ибрахим Карахан му помагал да не падне од седлото. Пристигнале некаде меѓу 15.30 и 16.00 часот. 21. Во станицата Ахмет Курт зел изјави од двајцата мажи. Абдулатиф Илхан бил чуван во кантината додека Ибрахим Карахан го однеле во делот за притвор. Никаков запис за нивниот притвор не беше обезбеден од Владата. Околу 21.00-21.30 часот жандармите од Мардин заминале со своите возила за да се вратат во Мардин, и со себе ги зеле Ибрахим Карахан и Абдулатиф Илхан. 22. Жандармите пристигнале во Мардин во текот на ноќта, и по пат поминале покрај Државната болница во Мардин. Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан биле сместени во кафетеријата на централната провинциска жандармериска станица во Мардин. Ибрахим Карахан се сеќава дека двајца мажи во цивилна облека дошле во кафетеријата. Едниот од нив, кој очигледно бил лекар го погледнал Абдулатиф Илхан без да го прегледа и рекол дека се преправа. Шереф Чакмак им кажал на делегатите на Комисијата дека повикал лекар и болничар за да го прегледаат Абдулатиф Илхан и дека после прегледот лекарот изјавил дека Абдулатиф Илхан претерувал со симптомите. Комисијата побарала да бидат идентификувани лекарот и болничарот. Лекарот кој бил идентификуван од Владата не се појавил за да сведочи. Болничарот се појавил но не се сеќавал дека бил повикан да го прегледа притвореникот во опишаните околности. Нема никакви амбулантни или медицински записи како доказ дека му била укажана медицинска помош. Комисијата нема никакви наоди што би укажувале на тоа кој дошол да го погледне Абдулатиф Илхан. Таа утврди дека во најдобар случај тој добил само површна прва помош и дека споменатиот лекар не обрнал внимание на видливите знаци на болка, и не презел мерки на претпазливост во однос на видливата траума на главата. 23. Шереф Чакмак зел изјави уште од двајцата мажи во текот на 27 декември 1992 година, најверојатно околу 17.00 и 17.30 часот. Изјавата на Абдулатиф Илхан го има неговиот отпечаток од палецот и објаснувањето дека нема потпис. Ибрахим Карахан опишал дека состојбата на Абдулатиф Илхан се влошувала во текот на денот. Не можел да се движи, имал потреба да се потпира, а пред да ја даде својата изјава изгубил контрола врз цревата. 24. Во 19.10 часот на 27 декември 1992 година, околу триесет и шест часа по нивното апсење Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан биле примени на лечење во Државната болница во Мардин. Со документ со датум од 27 декември 1992 година потпишан од Шереф Чакмак било побарано на обајцата да им се укаже лекарска помош бидејќи паднале и се повредиле. Според болничката документација Ибрахим Карахан бил лекуван заради повреда на десното уво. Во извештајот со датум од 27 декември 1992 година потпишан од д-р Ајдоган се вели дека општата состојба на Абдулатиф Илхан била просечна и дека бил свесен и реагирал. Извештајот исто така наведува дека бил присутен хемадерм на воспаленото лево око. Тоа укажувало дека животот на пациентот, кој страдал од лева хемипареза бил во опасност. 25. Абдулатиф Илхан бил однесен во Државната болница во Дијарбакир каде што било утврдено дека состојбата му била стабилна, иако ризикот по животот останал со симптоми на потрес на мозок и лева хемиплегија. Жалителот пристигнал во болницата за да го види брат му на 28 декември 1992 година. Го однел Абдулатиф на клиника каде што платил да биде снимен. Врз основа на тие снимки, коишто меѓу другото покажале и церебрална едема и лева хемипареза, д-р Рахманли одлучил дека немало потреба од операција. Абдулатиф Илхан бил лекуван со лекови и отпуштен од болница на 11 јануари 1993 година. 26. Абдулатиф Илхан се враќал во болница на преглед на секои два месеци. Во извештајот на д-р Рахманли и д-р Варол од 11 јуни 1993 година се вели дека тој страдал од 60% нефункционалност на левата страна. Жалителот поднесол до Комисијата понови снимки од неговиот мозок кои покажуваат атрофија на дел од мозокот. Делегатите на Комисијата кои се виделе со Абдулатиф Илхан на 29 септември 1997 година забележале дека нефункционалноста на левата страна сè уште била видлива. Меѓутоа врз основа на доказите од лекарите кои сведочеле пред делегатите, Комисијата утврдила дека одлагањето на лекувањето не се покажало дека битно придонело за влошување на долгорочните последици од повредата на главата. Б. Постапки пред домашните институции 27. Жалителот и неговиот брат не поднеле жалба до јавниот обвинител во Мардин, Абдулкадир Ѓунгорен. Меѓутоа јавниот обвинител бил информиран дека Абдулатиф Илхан бил повреден за време на неговото апсење од страна на Шереф Чакмак и ги добил документите изготвени од жандармите во врска со апсењето на Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан. Во писмен извештај со датум од 27 декември 1992 година до јавниот обвинител, Шереф Чакмак изјавил дека и Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан бегале и покрај бројните предупредувања да застанат. Тој опишал како двајцата мажи физички се опирале на безбедносните сили и паднале од карпите додека ги туркале жандармите. Јавниот обвинител исто така разговарал по телефон и со Шереф Чакмак и добил усно појаснување меѓу другото дека Ибахим Карахан всушност се скрил без да бега. 28. На 11 февруари 1993 година јавниот обвинител донел решение да не подигне обвинение во кое било заклучено дека повредите на Абдулатиф Илхан произлегле од несреќа за која никој не бил виновен, намерно или од невнимание. Тој не разговарал со Абдулатиф Илхан или Ибрахим Карахан или некој од жандармите кои биле сведоци на наводната несреќа пред да го усвои решението. 29. Истиот ден јавниот обвинител изготвил обвинение против Абдулатиф Илхан за дело на спротивставување на службени лица спротивно на членот 260 од турскиот Кривичен законик (ТКЗ). Во него се вели дека за време на операцијата Абдулатиф Илхан бегал од безбедносните сили игнорирајќи ги нивните наредби да застане. Тој им кажал на делегатите дека не го обвинил Ибрахим Карахан за никакво дело заради усните објаснувања дадени од Шереф Чакмак. 30. На 30 март 1993 година Абдулатиф Илхан се појавил пред судија на Мировниот суд во Мардин. Записникот покажува дека тој прифатил дека обвинението било точно. Било запишано дека тој изјавил дека на денот на настанот не го разбрал предупредувањето на безбедносните сили. Иако подоцна сфатил, тој бегал од страв дека може да го повредат. Во својата одлука од тој датум судот утврдил дека Абдулатиф Илхан признал дека не ја почитува наредбата да застане и со тоа му се спротивставил на службено лице спротивно на членот 260 од ТКЗ. Тој бил осуден на парична казна од 35.000 турски лири (ТРЛ), која била укината. Жалителот изјавил пред Комисијата дека не му било дозволено да влезе во судницата со својот брат и дека неговиот брат кој зборувал курдски не добил толкувач. Записникот од судот не споменува дека бил обезбедуван толкувач. В. Изјаснување на Владата во однос на фактите 31. Владата се потпирала на извештајот од настанот изготвен од жандармите и изјавите земени од Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан од страна на жандармите, како и усните сведочења на службените лица на жандармеријата. 32. На Абдулатиф Илхан му било наредено од страна на жандармите кои ја спроведувале операцијата во неговото село да застане. Тој избегал и заради лизгавиот терен паднал и се повредил. Доказите на Ибрахим Карахан дека Абдулатиф Илхан бил тепан од војниците биле неверодостојни и недоследни меѓу другото со оглед дека неговиот син и се придружил на ПКК. Двајцата мажи го потпишале извештајот од настанот, а изјавите биле изготвени од жандарми. Фактот дека Абдулатиф Илхан бил неписмен не значело дека не можел да ги потпише документите доколку сакал. 33. По несреќата, Абдулатиф Илхан не бил ниту во опасност да го изгуби животот ниту во кома. Не изгубил свест како што се тврдело. Бил способен да формулира реченици пред жандармите па така на Шереф Чакмак не му се чинело дека бил сериозно повреден. Д-р Рахманли кој го прегледал во Државната болница во Мардин го опишал дека реагирал. Во секој случај Абдулатиф Илхан не бил запоставен туку за повредите добил медицинска нега во болница. Таквиот третман не бил достапен во руралната област каде што се случила несреќата. 34. Абдулатиф Илхан пред судијата на Мировниот суд во Мардин признал дека се спротивставувал на безбедносните сили и дека не му било тешко да сведочи. II. релевАнтно домашно право и пракса 35. Принципите и постапките во врска со одговорноста за дела спротивни на законот можат да се сумираат на следниов начин. А. Кривично гонење 36. Според Турскиот кривичен законик (ТКЗ) сите форми на убиство (членовите 448 до 455) и обиди за убиство (членовите 61 и 62) конституираат кривични дела. Исто така кривично дело е доколку државен службеник подложи некого на мачење или малтретирање (член 243 во однос на мачењето и член 245 во однос на малтретирањето). Обврските на властите во однос на спроведувањето на прелиминарна истрага во однос на дејствијата или пропустите кои можат да претставуваат такви кривични дела, а коишто им биле посочени, потпаѓаат под членовите 151 до 153 од Законот за кривична постапка. Делата можат да се пријават до властите или до безбедносните сили како и до јавните обвинителства. Жалбата може да се поднесе писмено или усно. Доколку се поднесе усно властите мораат да имаат евиденција за истата (член 151). Согласно член 235 од Кривичниот законик секој државен службеник којшто нема да пријави во полиција или во јавното обвинителство дело за кое дознал во рамките на извршувањето на своите должности се соочува со казна затвор. Јавниот обвинител којшто е информиран на било кој начин за некаква ситуација која создава сомнеж дека е сторено кривично дело, е обврзан да ги истражи фактите со цел да одлучи дали треба да има обвинение или не (член 153 од Законот за кривична постапка). 37.  Во случај на наводни терористички дела, јавниот обвинител е лишен од јуриздикција во корист на посебен систем на национални безбедносни обвинители и судови воспоставени низ цела Турција. 38. Доколку осомничениот сторител на кривично дело е државен службеник и доколку делото е извршено за време на вршење на неговите службени должности, прелиминарната истрага за случајот се води според Законот од 1914 година за гонење на државни службеници, којашто ја ограничува јуриздикцијата на јавниот обвинител ratione personae во таа фаза од постапката. Во такви случаи, надлежниот локален управен совет (за округот или провинцијата, во зависност од статусот на осомничениот) е тој што ја спроведува прелиминарната истрага и последователно одлучува дали ќе го гони. Откако ќе се донесе одлука за поднесување на обвинение, јавниот обвинител е тој што го истражува случајот. Жалбата до Врховниот управен суд зависи од одлуката на советот. Доколку се донесе решение да не се поднесе обвинение, случајот автоматски се упатува на тој суд. 39.  Во согласност со член 4 став (i) од Уредбата бр. 285 од 10 јули 1987 година за надлежноста на гувернерот во регионот во кој е прогласена вонредна состојба, Законот од 1914 година (види параграф 38 погоре) исто така се применува и за членовите на безбедносните сили кои се под надлежност на гувернерот. 40. Доколку осомничениот е член на вооружените сили, правотот што се применува е утврден според природата на делото. Оттука, доколку се работи за „воено кривично дело“ според Воениот кривичен законик (Закон бр. 1632) кривичните постапки во основа се спроведуваат во согласност со Законот бр. 353 за воспоставување на воени судови и примена на нивните деловници. Кога член на вооружените сили е обвинет за обично дело, вообичаено се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка (види член 145 § 1 од Уставот и членовите 9 до 14 од Законот бр. 353). Воениот кривичен законик го смета за воено кривично дело доколку член на вооружените сили го загрози животот на едно лице со непочитување на наредба (член 89). Во такви случаи цивилните жалители можат да поднесат жалби до надлежните тела наведени во Законот за кривична постапка (види став 36 горе) или до претпоставениот на сторителот. Б. Граѓанска и управна одговорност што произлегува од кривични дела 41. Согласно член 13 од законот бр. 2577 за управна постапка секој којшто ќе претрпи штета како резултат на дејствие од страна на властите, во рок од една година откако наводното дело било сторено, може да побара обесштетување од нив. Доколку барањето е одбиено во целост или делумно или доколку не се добие одговор во рок од шеесет дена, жртвата може да покрене управна постапка. 42. Член 125 §§ 1 и 7 од Уставот уредува: „Сите дејствија или решенија на властите подложат на судска ревизија ... ... Властите ќе ги обесштетат сите штети предизвикани од нивни дејствија или мерки.“ Таа одредба ја утврдува строгата одговорност на Државата што стапува на сила доколку се покаже дека во околностите на конкретниот случај државата не успеала во рамките на својата обврска да одржи јавен ред, да обезбеди јавна сигурност или да ги заштити животите или имотот на луѓето, без да е неопходно да се покаже деликтно дело кое може да им се препише на властите. Оттука според овие правила, властите можат да се сметаат за одговорни за обесштетување на секој којшто претрпел загуба како резултат на дејствија извршени од неидентификувани лица. 43.  Членот 8 од Уредбата бр. 430 од 16 декември 1990 година, чија последна реченица е инспирирана од одредбата спомената горе (види став 42), уредува: „Не може да се наметне никаква кривична, финансиска или правна одговорност на ... гувернерот на регион во кој е прогласена вонредна состојба или од провинциски гувернери во тој регион во однос на донесените одлуки или извршените дејствија од нивна страна во спроведување на овластувања што им се доделени со оваа законска уредба и никаква жалба нема да се поднесе до ниедна судска власт за таа цел. Ова е без да им се наштети на правата на поединците да бараат отштета од Државата за штета која била предизвикана неоправдано.“ 44. Според Законот за облигации секој што ќе претрпи штета како резултат на незаконско или деликтно дејствие може да поднесе барање на обесштетување (членовите 41 до 46) и нематеријална загуба (член 47). Граѓанските судови не се обврзани ниту од наодите ниту од пресуда на кривичниот суд во однос па прашањето за вината на обвинетиот (член 53). Меѓутоа согласно член 13 од Законот бр. 657 за државни службеници, секој кој претрпел загуба како резултат на дејствие сторено при извршување на должности уредени со државен закон, во принцип покренува постапка само против надлежниот орган кој го вработува засегнатиот државен службеник, а не директно против државниот службеник (види член 129 § 5 од Уставот и членовите 55 до 100 од Законот за облигации). Меѓутоа ова не е апсолутно правило. Кога за некое дејствие ќе се утврди дека било незаконско или деликтно и последователни не е повеќе „управно“ дејствие или дело, граѓанските судови може да дозволат барање за обесштетување да се поднесе против засегнатото службено лице без да се наштети на правото на жртвата да започне постапка против орган врз основа на неговата заедничка одговорност како работодавец на службеното лице (член 50 од Законот за облигации). В. Прекршоци на спротивставување на службени лица 45.  Членот 258 од ТКЗ уредува во својот прв став: „Секој којшто, со примена на сила или закана, ќе се спротивстави на државен службеник или неговите помошници при извршување на нивните службени должности ќе биде казнет со казна затвор не помала од шест месеци и не поголема од две години.“ 46.  Членот 260 од ТКЗ уредува: „Секој што ќе примени влијание или сила за да го спречи извршувањето на некоја од одредбите на еден закон или регулатива ќе се казни со казна затвор не поголема од една година.“ ПРАВОТО I. оценка на фактите од страна на судот 47. Судот ја повторува својата утврдена судска пракса дека според системот на Конвенцијата од пред 1 ноември 1998 година утврдувањето и потврдувањето на фактите пред сè е прашање за Комисијата (поранешните членови 28 § 1 и 31). Иако Судот не е обврзан од фактичките наоди на Комисијата и понатаму е слободен да направи сопствена проценка врз основа на целокупниот материја што го има пред себе, сепак во вонредни околности ќе ги применува своите овластувања во оваа област (види, меѓу другите извори, Akdivar and Others v. Turkey judgment of 16 September 1996, Reports of Judgments and Decisions 1996-IV, p. 1214, § 78). 48. Владата тврдеше дека Комисијата дала несоодветна тежина на доказите на Абдулатиф Илхан и особено на Ибрахим Карахан чии докази според нивните видувања биле неверодостојни и недоследни. Судот забележува дека ставовите на Владата во однос на овие сведоци биле земени во предвид од страна на Комисијата во нејзиниот извештај, која пристапила кон својата задача на проценување на доказите со неопходното внимание, детално разгледувајќи ги елементите кои ги поддржувале тврдењата на жалителот и оние коишто фрлиле сомнеж врз нивната веродостојност. Тој не смета дека критиките од страна на Владата имаат некаква тежина којашто може да оправда примена на нејзините сопствени овластувања за верификување на фактите. Во вакви околности Судот ги прифаќа фактите како што се утврдени од Комисијата (види ги параграфите 10-30 горе). II. прелиминарните приговори на владата А. Некомпатибилност ratione personae 49. Владата се изјасни дека жалбата треба да биде отфрлена како некомпатибилна ratione personae со оглед дека жалителот Насир Илхан не може да тврди дека бил жртва според Конвенцијата за наведените повреди. Ниту пак жалителот може да тврди дека е претставник на својот брат Абдулатиф Илхан бидејќи имало правни претставници коишто ги спроведувале постапките пред органите на Конвенцијата. Абдулатиф Илхан исто така бил способен, според нив, да си ги брка сопствените правни работи. Ако му се дозволело на жалителот да ја спроведе оваа жалба неоправдано ќе се прошири категоријата на лица, роднини и пријатели на жртви коишто би можеле да поднесат жалби, барајќи обесштетување за себе. Соодветно на тоа жалбата била невалидна и требала да се отфрли. 50. Комисијата, со која жалителот се согласил, утврдила дека жалителот ја поднел жалбата во име на својот брат, кој сериозно бил хендикепиран и во ранлива состојба. Абдулатиф Илхан изнел докази пред делегатите кои покажувале дека тој ја поддржал жалбата и дека немало елементи на злоупотреба на системот на Конвенцијата со тоа што ќе му се дозволило на жалителот на ја поднесе жалбата. 51. Судот претходно има одлучувано во контекст на членот 35 § 1 (поранешен член 26) од Конвенцијата дека правилата на допуштеност мора да се применуваат со одреден степен на флексибилност и без претеран формализам (види Cardot v. France judgment of 19 March 1991, Series A no. 200, p. 18, § 34). Исто така мора да се обрне внимание на предметот и целта на тие правила (види на пример the Worm v. Austria judgment of 29 August 1997, Reports 1997-V, p. 1547, § 33) и на Конвенцијата генерално, кој како договор за колективна примена на човековите права и основни слободи мора да се толкува и применува со цел нејзините заштити да се практични и делотворни (види, на пример пресудата во случајот the Yaşa v. Turkey judgment of 2 September 1998, Reports 1998-VI, p. 2429, § 64). 52. Системот на поединечни жалби обезбеден согласно член 34 (поранешен член 25) од Конвенцијата ги исклучува жалбите по пат на actio popularis. Жалбите затоа мора да се поднесат од страна или во име на лица кои тврдат дека се жртви на повреда на една или повеќе одредби од Конвенцијата. Таквите лица мора да можат да покажат дека биле „директно погодени“ од мерките на кои се жалат (види, на пример, the Open Door and Dublin Well Woman v. Ireland judgment of 29 October 1992, Series A no. 246-A, p. 22, § 44). Исто така, статус на жртва може да постои дури и кога не постои штета, при што ова прашање е релевантно во однос на член 41 (поранешен член 50) од Конвенцијата каде материјална или нематеријална отштета што произлегува од повредата мора да се утврди (види, на пример, the Wassink v. the Netherlands judgment of 27 September 1990, Series A no. 185-A, p. 14, § 38). 53. Во контекст на гореспоменатите размислувања, Судот забележува дека дали жалителот може или не може да бара отштета во сопствено име е одвоено од разгледувањето за тоа дали тој може оправдано да ја поднесе жалбата. Во актуелниот случај Абдулатиф Илхан била директната жртва на наводниот напад и малтретирање. Поднесената жалба од страна на жалителот исто така јасно покажува дека тој се жали во име на својот брат кој, ако се земе во предвид неговата здравствена состојба не бил во можност самиот да поднесе жалба. Во вакви околности Судот забележува дека генерално би било соодветно жалбата да го именува повреденото лице како жалител, а полномошно да му се даде на друг член од семејството што на истиот ќе му овозможи да делува во негово или нејзино име. Ова ќе обезбеди жалбата да е поднесена со согласност на жртвата на наводната повреда, а ќе се избегнат и actio popularis жалби. 54. Судот, меѓутоа не е убеден дека во овој случај фактот дека Насир Илхан го ставил сопственото име за жалител, а не името на брат му претставува злоупотреба на системот на Конвенцијата. Абдулатиф Илхан се согласил со постапката и се појавил пред делегатите на Комисијата за да посведочи. Ниту пак постои некаков очигледен конфликт на интереси што произлегуваат од вмешаноста на жалителот во име на својот брат. Жалителот, навистина може да тврди дека бил лично засегнат од настанот. Тој бил членот на семејството кој дошол веднаш во болницата откако дознал за повредата на својот брат и којшто ги презел неопходните чекори за да го обезбеди лекувањето што му било потребно. Иако владата тврдеше дека здравствената состојба на Абдулатиф Илхан не го спречувала самиот да си ги брка правните работи, Судот смета дека посебни размислувања можат да произлезат кога жртвата на наводна повреда на членовите 2 и 3 од Конвенцијата од страна на безбедносните сили сè уште страда од сериозни последици. 55. Земајќи ги оттука посебните околности на овој случај каде што Абдулатиф Илхан може да тврди дека е во посебно ранлива позиција, Судот утврди дека жалителот може да се смета дека оправдано ја поднел жалбата во име на својот брат. Соодветно на тоа, тој го отфрла прелиминарниот приговор на Владата во овој контекст. Б. Исцрпување на домашни правни лекови 56. Владата приговори дека жалителот не ги искористил домашните правни лекови во согласност со членот 35 од Конвенцијата, со соодветна примена на достапната отштета преку покренување на кривична постапка или со поднесување жалби во граѓанските или управни судови. Тие особено упатуваат на фактот дека ниту Абдулатиф Илхан, ниту жалителот се немаат жалено пред јавниот обвинител, и дека Абдулатиф Илхан не се пожалил кога се појавил пред судијата на Мировниот суд на Мардин на 30 март 1993 г. 57. Адвокатот на жалителот на расправата пред судот се изјасни дека јавниот обвинител од Мардин бил информиран дека и Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан биле повредени кога жандармите ги уапсиле. Јавниот обвинител ги информирал делегатите на Комисијата дека бил загрижен дека Абдулатиф Илхан претрпел така сериозни повреди. Неговата одлука од 11 февруари 1993 година да не поднесе обвинение исто така го опишала Абдулатиф Илхан како повредената странка. 58. Судот повторува дека правилото за исцрпување на домашните правни лекови на што упатува членот 35 § 1 од Конвенцијата ги обврзува жалителите најпрво да ги искористат правните лекови коишто вообичаено се достапни и доволни во домашниот правен систем за да им овозможат да добијат отштета за наводните повреди. Постоењето на правни лекови мора да биде доволно сигурно како во пракса така и во теорија, а доколку ги нема ќе недостасува неопходната пристапност и делотворност. Членот 35 § 1 исто така бара жалбите кои се планира потоа да се поднесат пред Судот дека требало да бидат поднесени до соодветниот домашен орган, и барем во суштина и во согласност со формалните услови дадени во домашното право, но таа опција не треба да се однесува на правни лекови кои се неадекватни или неделотворни (види Aksoy v. Turkey judgment of 18 December 1996, Reports 1996-VI, pp. 2275-76, §§ 51-52, and the Akdivar and Others judgment cited above, p. 1210, §§ 65‑67). 59. Судот нагласува дека приманата на правилото за исцрпување на домашните правни лекови мора соодветно да го дозволи фактот дека се применува во контекст на машинеријата за заштита на човековите права која државите потписнички се согласиле да ја воспостават. Согласно тоа тој согледа дека членот 35 § 1 мора да се применува со одреден степен на флексибилност и без претеран формализам. Понатаму согледа дека правилото на исцрпување не е ниту апсолутно ниту способно да биде применето автоматски; за потребата на разгледувањето дали било почитувано, неопходно е да се земат во предвид условите на секој случај поединечно. Ова особено значи дека Судот мора реално да земе во предвид не само постоење на формални правни лекови во правниот систем на засегнатата држава потписничка туку исто така и општиот контекст во кој тие делуваат, како и личните околности на жалителот. Потоа мора да провери дали во сите околности од случајот жалителот сторил сè што разумно можело да се очекува од него или неа за да ги исцрпи домашните правни лекови (види ја пресудата во случајот Акдивар и други цитирана горе, с. 1211, § 69, и пресудата во случајот на Аксој цитирана горе, с. 2276, §§ 53-54) 60. Судот забележува дека турското право обезбедува управни, граѓански и кривични правни лекови против незаконски и кривични дејствија кои можат да и се препишат на државата или нејзините претставници (види параграф 36 и тие што следат горе). 61. Што се однесува до дејствие во управното право согласно членот 125 од Уставот врз основа на строгата одговорност на властите (види ги параграфите 41-42 горе) Судот потсетува дека обврската на државата потписничка согласно членовите 2 и 13 од Конвенцијата да спроведе истрага која може да доведе до идентификување и казна на оние што се одговорни во случаите на смртоносен напад можат да се сметаат за илузорни ако во однос на жалбите во согласност со тие членови од еден жалител се бара да го исцрпи управно-законското дејствие што води само кон доделување на отштета (види ја пресудата во случајот на Јаша цитирана погоре, с. 2431, § 74). Ова размислување се применува подеднакво според членот 3 од Конвенцијата за случаи на мачење или сериозно малтретирање, кога жалителот има причини да се чувствува ранливо, немоќно и уплашено од претставниците на Државата (види ја пресудата во случајот на Аксој, цитирана погоре, с. 2277, § 56). Последователно, жалителот не е должен ја започне управната постапка во случајов и прелиминарниот приговор во оваа смисла е неоснован. 62. Што се однесува до граѓанската постапка за отштета поддржана со законски акти или очигледно незаконското однесување од страна на агентите на државата (види во параграф 44 горе), Судот забележува дека жалителот во таква постапка мора покрај утврдувањето на неформална врска меѓу деликтот и штетата којашто ја претрпел, да го идентификува и лицето за коешто верува дека го сторил деликтот. Во овој конкретен случај јавниот обвинител не презел чекори за да идентификува кој бил присутен кога Абдулатиф Илхан бил уапсен или кога настанале неговите повреди. Ниеден од доставените документи од страна на жандармите не овозможиле таквите лица да бидат идентификувани. Затоа идентитетот на сторителите или можните сведоци е непознат за жалителот. Исто така јавниот обвинител не презел никакви чекори за да пронајде какви било докази кои ги потврдуваат или се спротивни на изјавите на жандармите што се однесува на тоа дека повредите наводно настанале како резултат на несреќа. Во ваква ситуација не е јасно дека имало каква било основа врз која Абдулатиф Илхан можел да покрене граѓанска жалба со некаква разумна перспектива за успех. 63. Што се однесува до правните лекови од кривичното право (види во параграфите 34-40 горе), Судот забележува дека јавниот обвинител од Мардин бил информиран дека Абдулатиф Илхан претрпел сериозни повреди кога бил уапсен од жандармите во неговото село. Соодветно на тоа тој имал обврска во согласност со член 153 од Законот за кривична постапка да истражи дали било сторено кривично дело. Судот е задоволен во овие услови дека релевантните домашни власти доволно биле запознаени со проблемот. Со оглед дена околностите на Абдулатиф Илхан би направиле тој да се чувствува ранлив, немоќен и уплашен од претставниците на Државата, тој легитимно можел да очекува дека неопходната истрага би била спроведена без конкретна формална жалба од него или неговото семејство. Меѓутоа јавниот обвинител одбрал да не ги разгледа условите во кои настанале повредите. 64. Последователно на тоа Судот исто така ги отфрла владините прелиминарни приговори во однос на граѓанските и кривично-правните лекови. III. наводна повреда на членот 2 од конвенцијата 65. Жалителот тврдел дека неговиот брат Абдулатиф Илхан бил незаконски подложен на напад од жандармите со кој му бил загрозен животот и дека властите не спровеле соодветна и делотворна истрага за нападот. Тој тврдел дека членот 2 од Конвенција бил прекршен, а тој уредува: „1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот, освен со извршување на смртна казна, изречена со судска пресуда, со која е прогласен за виновен за кривично дело кое, според законот, се казнува со таква казна. 2. Се смета дека одредбите на овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутно потребна употреба на сила:  (а) во одбрана на секој поединец од незаконско насилство;  (б) при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон;  (в) при законско спречување на немир или бунт. 66. Владата ги оспори овие тврдења. Комисијата изрази мнозинско мислење дека членот 2 бил прекршен во однос на повредата нанесена на Абдулатиф Илхан, касното негово испраќање во болница и отсуството на делотворна истрага. Малцински дел од Комисијата сметаше дека членот 2 не може да се повреди доколку не дошло до смрт и истовремено не постоела намера да се предизвика смрт. А. Изјаснување на оние кои се појавиле пред Судот 1. Жалителот 67. Жалителот се изјасни дека Абдулатиф Илхан бил незаконски изложен на напад со кој му бил загрозен животот. Според него членот 2 не бил ограничен на примена на смртоносна сила, туку исто така вклучувал и примена на потенцијална смртоносна сила, имено сила за која може да се очекува да има смртни последици. Членот 2 исто така бара таквата сила да се користи само кога „е апсолутно неопходно“ за остварување на една од целите наведени во став 2 од членот 2. Во овој случај Абдулатиф Илхан бил удрен по глава најмалку еднаш со кундакот од пушката во намерен напад спроведен со значителна сила. Таков удар по главата, која што е ранлив дел од телото, може да се очекува да е напад со смртоносни последици и покажувал апсолутна негрижа за животот на жртвата. Притоа нема никакво оправдување за каква било употреба на сила со оглед дека Абдулатиф Илхан не се спротивставил на апсењето. 68. Со оглед дека Конвенцијата се грижи за граѓанската одговорност на државите, а не за кривичната одговорност на поединечен сторител, прашањето на mens rea на сторителот е нерелевантно. Отсуството на итна медицинска нега била отежнувачка околност во овој случај. 69. Жалителот се изјасни дека тужената држава исто така не ја исполнила својата обврска, во однос на член 2, да го заштити неговиот брат преку кривично-правната рамка и делотворното спроведување на своите санкции. Случаите што претходно се разгледувани пред органите на Конвенцијата покажале дека односот и однесувањето на безбедносните сили и јавните обвинители во југоисточна Турција во и околу 1993 година биле резултат на неуспехот на државата да ја извршува својата обврска во спречувањето и попречувањето на прекршоци против поединци. Тој се потпрел на пресудите усвоени на 28 март 2000 година во случаите на Махмут Каја против Турција и Килич против Турција (Mahmut Kaya v. Turkey and Kılıç v. Turkey no. 22535/93, ECHR 2000-III, and no. 22492/93, ECHR 2000-III). 70. Исто така, жалителот тврдеше дека властите не ја исполните својата обврска согласно членот 2 според кој треба да спроведат истрага во однос на потенцијално смртоносната употреба на сила. Тој упати на наодите на Комисијата дека јавниот обвинител бил свесен дека Абдулатиф Илхан претрпел повреди при неговото апсење од страна на жандармите, но целосно се потпирал на документите поднесени од страна жандармите во носењето заклучок дека тие биле резултат на несреќа. Неговата одлука да не поднесе обвинение во голема мерка била формалност преземена без напор да се добијат информации од Абдулатиф Илхан и Ибрахим Карахан за тоа што се случило. 2. Владата 71. Владата оспоруваше дека не можело да има повреда на членот 2 бидејќи наводната жртва Абдулатиф Илхан сè уште била жива. Тие оспоруваа дека неговата состојба можела да се опише како критична. Ниту бил во кома ниту блиску до смрт со оглед дека медицинските извештаи посочувале дека тој сè уште можел да зборува и да ги слуша луѓето. Неговата состојба била преувеличена во сведочењето на Ибрахим Карахан. Немало елементи на невнимание или превид во начинот на кој Абдулатиф Илхан бил третиран од страна на жандармите или болничкиот персонал. Во секој случај не било потврдено дека Абдулатиф Илхан бил малтретиран од жандармите. 72. Со оглед дека членот 2 не беше вклучен во овој случај, обврската на надлежните власти за спроведување на делотворна истрага не може да се испита во овој контекст. Б. Оценка на Судот 1. Во врска со повредите што му биле нанесени на Абдулатиф Илхан 73. Членот 2 којшто го штити правото на живот и ги утврдува околностите кога одземањето на живот може да биде оправдано, се квалификува како една од најосновните одредби во Конвенцијата за која не може да се дозволи дерогација. Заедно со членот 3 тој исто така ја опфаќа една од основните вредности на демократските општества кои го сочинуваат Советот на Европа. Околностите во кои одземањето на живот може да се оправда оттука мора строго да се анализирани. Целта и намерата на Конвенцијата како инструмент за заштита на поединци исто така бараат членот 2 да се толкува и применува за да ги направи нејзините заштити практични и делотворни (види кај пресудата во случајот на McCann and Others v. the United Kingdom од 27 септември 1995 г., Series A no. 324, pp. 45-46, §§ 146-47). 74. Текстот на член 2, како целина, покажува дека тој ги опфаќа не само намерните убиства туку исто така и ситуациите каде што е дозволено да се „примени сила“ што може да резултира, како непланиран исход, со одземање на живот. Намерната или планираната употреба на смртоносна сила е само еден фактор, меѓутоа треба да се земе во предвид при оценувањето на неопходноста од истата. Секаква примена на сила мора да биде „апсолутно потребна“ за постигнување на една или повеќе од целите утврдени во точките (а) и (в). Овој услов посочува дека мора да се примени построг и пообврзувачки тест на неопходноста од оној што вообичаено се применува при утврдување дали дејствијата на државата се „неопходни во едно демократско општество“ во согласност со ставот 2 од членовите 8 до 11 од Конвенцијата. Последователно, силата што се користи мора да е строго пропорционална на остварувањето на дозволените цели (види ја пресудата во случајот на МекКен и други, цитирана погоре с. 46, §§ 148-49). 75. Судот сака да потсети дека во актуелниот случај силата што се користела против Абдулатиф Илхан во случајот не била смртоносна. Ова не го исклучува разгледувањето на жалбите на жалителот во однос на членот 2. Може да се забележи дека во три претходни случаи Судот ги разгледа жалбите во однос на оваа одредба при што наводната жртва не починала како резултат на оспореното однесување. Во случајот Осман против Обединетото Кралство (Osman v. the United Kingdom, judgment of 28 October 1998, Reports 1998-VIII, pp. 3159-63, §§ 115-22), жалителот Ахмет Осман бил погоден од огнено оружје и сериозно повреден кога еден човек пукал со сачмарка во него и неговиот татко од блиску. Татко му починал. Судот заклучил во однос на фактите од тој случај дека властите на Обединетото Кралство не направиле никаков пропуст во врска со ниедна од позитивните обврски согласно членот 2 во обезбедувањето на заштита на нивното право на живот во рамките на значењето на првата реченица од членот 2. Во случајот Јаша (пресудата цитирана погоре, pp. 2436-41, §§ 92-108), жалителот бил погоден на улица од непознат човек што пукал при што се здобил со осум рани од куршуми но преживеал. Судот, утврдувајќи дека властите не направиле пропуст во заштитата на животот на жалителот, одлучиле дека сепак не се придржувале до процедуралната обврска во согласност со членот 2 за спроведување на делотворна истрага за нападот. Во Л.Ц.Б. против Обединетото Кралство (L.C.B. v. the United Kingdom, judgment of 9 June 1998, Reports 1998-III, pp. 1403-04, §§ 36-41), во кој жалителот, која бил болна од леукемија, била ќерка на војник кој бил на Божиќниот Остров за време на нуклеарните тестирања на Обединетото Кралство, Судот забележал дека не било покажано дека државата намерно се обидела да ја лиши од нејзиниот живот туку испитала согласно членот 2 дали државата сторила сè што се барало од неа за да спречи животот на жалителот да биде непотребно изложен на ризик. Тој утврди дека државата не направила пропуст во оваа смисла. 76. Судот забележува дека овие три случаи се однесуваат на позитивната обврска на Државата во заштита на животот на поединец од трети лица или од ризикот од болест според првата реченица од членот 2 § 1. Меѓутоа тој смета дека само во вонредни околности физичкото малтретирање од страна на службени лица на државата што не резултира со смрт може да покаже прекршување на членот 2 од Конвенцијата. Точно е дека кривичната одговорност на лицата засегнатите во однос на примената на сила не е предмет на постапката во согласност со Конвенцијата (види ја пресудата во случајот на МекКен и други, цитирана погоре, с. 51, § 173). Во секој случај степенот и видот на применетата сила и недвосмислената намера или цел зад примената на сила може меѓу другите фактори да бидат релевантни во проценката дали во одреден случај дејствијата на агентите на државата во нанесувањето на повреда која била блиску до смрт мора да се смета за некомпатибилна на целта и намерата на членот 2 од Конвенцијата. Во речиси сите случаи кога едно лице е нападнато или малтретирано од страна на полицијата или војниците, нивните жалби повеќе одговара да бидат испитани во однос на членот 3 од Конвенцијата. 77. Судот потсетува дека Абдулатиф Илхан претрпел оштетување на мозокот како резултат на најмалку еден удар по главата со кундак од пушка нанесен од жандармите на кои им било наредено да го уапсат за време на една операција и кои го клоцале и тепале кога го пронашле како се крие во некои грмушки. Два истовремени медицински извештаи ја идентификуваат повредата на главата како повреда опасна по живот. Како резултат на истата тој долгорочно има загубено одредени функции. Затоа нема сомнеж во сериозноста на неговата повреда. Меѓутоа Судот не е убеден во околностите од овој случај дека употребата на сила од страна на жандармите при нивното апсење на Абдулатиф Илхан била од таква природа или степен за да претставува повреда на членот 2 од Конвенцијата. Ниту некакво посебно прашање произлегува во овој контекст во врска со наводниот недостаток на итно медицинско лекување за неговите повреди. Меѓутоа тој подолу ќе ги разгледа овие аспекти дополнително во согласност со членот 3 од Конвенцијата . 78. Тој се држи до тоа дека немало повреда на членот 2 од Конвенцијата во врска со нанесувањето на повреди на Абдулатиф Илхан. 2. Во врска со позитивните и процедуралните обврски согласно членот 2 од Конвенцијата 79. Земајќи ги во предвид своите наоди погоре и со оглед на фактите на овој случај, што се разликуваат од случаите на убиства од непознати сторители посочени од жалителот (види Махмут Каја и Килич, цитиран погоре), Судот утврдил дека не е неопходно да се проверат тврдењата согласно членот 2 од Конвенцијата дека властите не успеале да го заштитат правото на Абдулатиф Илхан на живот или да спроведат делотворна истрага во однос на употребата на сила. IV. НАВОДНа повреда НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 80. Жалителот се пожалил дека Абдулатиф Илхан бил подложен на мачење и нечовечно и понижувачко постапување и дека немало соодветна или делотворна истрага на ваквото малтретирање. Тој се повика на членот 3 од Конвенцијата којшто уредува: „Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“ А. Изјаснување на странките 81. Жалителот, согласувајќи се со едногласното мислење на Комисијата, се изјасни дека Абдулатиф Илхан бил подложен на постапки со кои бил прекршен членот 3. Тој упати како на сериозноста на повредите што му биле предизвикани на Абдулатиф Илхан со тепањето со кундаците од пушка, така и на фактот дека не бил однесен во болница веднаш иако имал видливи повреди. 82. Жалителот исто така тврдел, упатувајќи на пресудата на Судот од 28 октомври 1998 година во случајот на Асенов и други против Бугарија (Assenov and Others v. Bulgaria Reports 1998-VIII, p. 3290, §§ 102-03) дека властите не спровеле никаква делотворна или соодветна истрага за малтретирањето на кое бил подложен неговиот брат. Ова откри посебна повреда на членот 3 како што беше утврдено од мнозинството на Комисијата во својот извештај. 83. Владата се изјасни дека жалбите на жалителот биле целосно неосновани. Повредите на Абдулатиф Илхан биле предизвикани од неговиот случаен пад додека се обидувал да избега од безбедносните сили. Јавниот обвинител не згрешил во однос на истрагата на настанот. Доколку Абдулатиф Илхан имал нешто за што сакал да се пожали, требал тоа да го изнесе пред јавниот обвинител или пред судијата на Мировниот суд во Мардин. Меѓутоа тој тоа не го сторил. Б. Оценка на Судот 1. Во врска со наводното малтретирање   84. Судот потсетува дека малтретирањето мора да го достигне минимумот ниво на сериозност за да е опфатено во опсегот на членот 3. Проценката на овој минимум е релативна: зависи од сите околности на случајот, како што се времетраењето на малтретирањето, неговите физички и/или ментални последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, меѓу другите извори, the Tekin v. Turkey judgment of 9 June 1998, Reports 1998-IV, p. 1517, § 52). 85. Исто така при утврдување дали одредена форма на малтретирање треба да се квалификува како мачење мора да се обрне внимание на разликата втемелена во членот 3, меѓу овој поим и оној на нечовечно или понижувачко постапување. Како што е забележано во претходните случаи, се чини дека тоа била намерата дека Конвенцијата треба по пат на оваа дистинкција да прикачи посебна стигма на намерното нечовечно постапување предизвикувајќи многу сериозно и немилосрдно страдање (види Ireland v. the United Kingdom judgment of 18 January 1978, Series A no. 25, pp. 66-67, § 167). Исто така сериозноста на постапувањето има елемент на цел, како што е согледано во Конвенцијата на Обединетите нации против мачење и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, која стапи на сила на 26 јуни 1987 г., и која го дефинира мачењето во смисла на нанесување сериозна болка или страдање со цел, меѓу другото да се добијат информации, да се казни или заплашува (членот 1 од Конвенцијата на Обединетите нации). 86. Судот ги прифати наодите на Комисијата во врска со повредите нанесени на Абдулатиф Илхан, имено, дека бил клоцан и тепан и најмалку еднаш удрен по главата со пушка Г3. Ова довело до сериозни модрици и две повреди на главата, што предизвикале оштетување на мозокот и долгорочно влошување на неговото функционирање. И покрај видливите повреди на неговата глава и видливите очигледните тешкотии што Абдулатиф Илхан ги имал при одење и зборување, неговото носење во болница било одложено за околу триесет и шест часа. 87. Со оглед на сериозноста на малтретирањето што го претрпел Абдулатиф Илхан и попратните околности вклучително и значителното губење на сеќавањето пред да прими соодветна медицинска нега, Судот утврди дека тој бил жртва на многу сериозно и сурово страдање кое може да се карактеризира како мачење (исто така видиј Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, §§ 96-105, ECHR 1999-V). 88. Судот заклучи дека членот 3 од Конвенцијата бил повреден во оваа смисла. 2. Во врска со наводното отсуство на делотворна истрага 89. Во пресудата во случајот Асенов и други цитирана погоре, Судот утврди процедурална повреда на членот 3 заради несоодветна истрага спроведена од страна на властите во врска со жалбите на жалителот дека бил сериозно малтретиран од полицијата. При тоа ја зел во предвид важноста да се обезбеди фундаменталната забрана против мачење и нечовечно и понижувачко постапување и казнување да биде делотворно обезбедена во домашниот систем. 90. Меѓутоа во тој случај, Судот не можел да постигне никаков заклучок за тоа дали повредите на жалителот всушност биле предизвикани од страна на полицијата како што тој тврдел. Неможноста да обезбеди никаков убедлив наод во таа насока произлегувала барем делумно од фактот дека властите не реагирале делотворно на тие жалби во релевантното време (исто така види Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 131, ECHR 2000-IV). 91. Процедуралните обврски се посочени во различни контексти во согласност со Конвенцијата, каде што на ова се гледа како на нешто што е неопходно за да се обезбеди правата што се гарантирани во согласност со Конвенцијата да не се теоретски или илузорни туку практични и делотворни. Обврската да се обезбеди делотворна истрага за смртта предизвикана од страна, inter alios, на безбедносните сили на државата од овие причини беше посочена во членот 2 кој го гарантира правото на живот (види ја пресудата во случајот на МекКен и други, цитирана погоре, pp. 47-49, §§ 157-64). Меѓутоа оваа одредба го вклучува условот правото на живот да биде „заштитено со закон“. Исто така може да се однесува на ситуации каде иницијативата мора да е од страна на државата од практични причини затоа што жртвата е почината, а околностите на смртта во голема мерка може да се поврзани со сознанијата што ги имаат службените претставници на државата. 92. Меѓутоа, членот 3 е формулиран во материјална смисла. Исто така иако жртвата на наводната повреда на оваа одредба можеби е во ранлива позиција, практичната итност на ситуацијата честопати ќе се разликува од случаите на примена на смртоносна сила или сомнителните смртни случаи. Судот смета дека условот согласно членот 13 од Конвенцијата на лице кое тврди со аргументи дека имало повреда на членот 3 да му се обезбеди делотворен правен лек генерално ќе обезбеди како обесштетување за жалителот, така и потребните процедурални заштити од злоупотреба од страна на службените лица на државата. Судската пракса на судот утврдува дека поимот на делотворен правен лек во овој контекст ја вклучува обврската за спроведување на темелна и делотворна истрага која може да доведе до идентификација и казнување на оние што се одговорни за некакво малтретирање и обезбедување на делотворен пристап за жалителот до истражната постапка (види ја пресудата во случајот на Аксој, цитирана погоре, p. 2287, § 98). Оттука дали е соодветно или неопходно да се утврди процедурална повреда на членот 3 ќе зависи од околностите во конкретниот случај. 93. Во актуелниот случај, Судот утврди дека жалителот претрпел мачење од страна на безбедносните сили. Неговите поплаки во врска со отсуството на делотворна истрага од страна на властите во однос на причината за неговите повреди потпаѓаат под членот 13 од Конвенцијата. V. НАВОДНа повреда НА ЧЛЕНОТ 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 94. Жалителот се пожалил дека не му бил обезбеден делотворен правен лек како што се бара во членот 13 од Конвенцијата кој уредува: „Секој човек, чии права и слободи што се утврдени со [оваа} Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“ 95. Жалителот се изјасни, потпирајќи се на извештајот на Комисијата, дека суштинските грешки во истрагата за повредите на брат му довеле до повреда на членот 13. Јавниот обвинител стриктно и недвосмислено се потпирал на незадоволувачки и конфликтни документи и информации поднесени од жандармите без да побара да разговара со Абдулатиф Илхан, Ибрахим Карахан или некој од жандармите коишто можеби биле сведоци на нивното апсење. Тој не презел никакви чекори за да ја открие причината или степенот на повредите на Абдулатиф Илхан со тоа што ќе ги испитал лекарите што го прегледале. Што се однесува до медицинскиот извештај на д-р Ајдоган, тој бил краток и не ја кажувал причината за повредите, и ги опфаќал помалку сериозните повреди кои ги претрпел Абдулатиф Илхан. 96. Владата оспорила дека домашната истрага била несоодветна и дека Абдулатиф Илхан не успеал да поднесе никаква жалба до јавниот обвинител или судијата на Мировниот суд од Мардин за некакво наводно малтретирање. 97. Судот повторува дека членот 13 од Конвенцијата ја гарантира достапноста на национално ниво на правен лек за спроведување на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во каква било форма што може да бидат обезбедени во домашниот правен поредок. Оттука делувањето на членот 13 бара обезбедувањето на домашен правен лек кој ќе се занимава со суштината на „жалбата поддржана од аргументи“ според Конвенцијата и да додели соодветна помош, иако на државите потписнички имаат одредена дискреција околу начинот на кој тие ќе се прилагодат на своите обврски што произлегуваат од Конвенцијата во рамките на оваа одредба. Опсегот на обврската согласно членот 13 варираат во зависност од природата на жалбата на жалителот во согласност со Конвенцијата. Во секој случај правниот лек кој се бара во членот 13 мора да биде подеднакво „делотворен“ во пракса како и правно, особено во смисла дека неговата примена не смее да биде неоправдано спречувана со дејствија или пропусти на властите на тужена земја (види ја пресудата во случајот на Аксој цитирана погоре, p. 2286, § 95; Aydın v. Turkey judgment of 25 September 1997, Reports 1997-VI, pp. 1895-96, § 103; и the Kaya v. Turkey judgment of 19 February 1998, Reports 1998-I, pp. 329-30, § 106)). Кога едно лице има тужба поддржана од аргументи дека било мачено или подложено на сериозно малтретирање од страна на државата, поимот на „делотворен правен лек“ вклучува, покрај исплатата на обесштетување кога тоа е соодветно, темелна и делотворна истрага која може да доведе до идентификување и казнување на оние што се одговорни, како и делотворен пристап за жалителот до истражна постапка (види ја пресудата во случајот на Текин цитирана погоре p. 1520, § 66). 98. Врз основа на доказите изнесени во актуелниот случај, Судот утврди дека тужената држава е одговорна согласно членот 3 за малтретирање на жалителот што достигнало до мачење. Затоа поплаките на жалителот во оваа насока се „поддржани со аргументи“ согласно членот 13 (види Boyle and Rice v. the United Kingdom judgment of 27 April 1988, Series A no. 131, p. 23, § 52, и пресудите во случаите на Каја и Јаша цитирани погоре, pp. 330-31, § 107, и p. 2442, § 113, за секој од нив). 99. Оттука властите имале обврска да спроведат делотворна истрага во однос на околностите во кои Абдулатиф Илхан се здобил со повреди 100. Јавниот обвинител бил свесен дека Абдулатиф Илхан претрпел повреди за кои била потребна хоспитализација. Опасната по живот природа на повредите исто така беше очигледна од медицинскиот извештај издаден од д-р Ајдоган. Извештајот за настанот и изјавите што биле земени од жандармите наведувале дека повредите Абдулатиф Илхан ги здобил кога паднал во обидот да избега. Меѓутоа, имало низа одлики во врска со овие документи коишто требало да го алармираат обвинителот за потребата дополнително да го истражи случајот, покрај простиот факт дека таквите повреди биле предизвикани при апсењето од страна на безбедносните сили. Тие вклучувале губењето на помнењето за одреден временски период меѓу времето кога Абдулатиф Илхан се здобил со повредите и неговиот прием во Државната болница во Мардин, и појавата на потписот на Абдулатиф Илхан на извештајот за настанот, додека на неговата изјава од 27 декември 1992 г. има отпечаток од палецот и појаснување дека не знае да се потпише. Исто така било јасно дека извештајот за настанот дава неверодостоен приказ. Тој изнесува дека Ибрахим Карахан не сопрел на предупредувањата на жандармите. Меѓутоа јавниот обвинител не го обвинил него за ова како Абдулатиф Илхан со оглед дека Шереф Чакмак усно го информирал дека всушност Ибрахим Карахан не се обидел да бега. Дополнителна битна недоследност била откриена со пропустот во извештајот за настанот да се спомене дека Ибрахим Карахан бил повреден при апсењето. Во писменото упатување во болница на Шереф Чакмак се вели дека Ибрахим Карахан исто така паднал и се повредил кога го апселе, како што стои и во неговиот писмен извештај до јавниот обвинител од 27 декември 1992 г. Вториот документ исто така тврди, што не е заведено и во наводно истовремениот извештај за настанот, дека двајцата мажи физички се спротивставиле на жандармите и дека додека ги туркале припадниците на безбедносните сили паднале од карпите. Всушност, секоја верзија за настанот обезбедена од жандармите се разликувала по битни детали. 101. И покрај овие загрижувачки елементи јавниот обвинител не презел независни истражни чекори. Тој не побарал да ја чуе верзијата на настаните од Абдулатиф Илхан или од Ибрахим Карахан, ниту пак обезбедил појаснување од релевантните лекари за степенот и природата на повредите. Тој исто така не побарал докази од очевидци за тоа како наводната несреќа се случила, туку се потпирал на усните објаснувања на Шереф Чакмак и извештајот за настанот кој бил потпишан од Шереф Чакмак, Ахмет Курт и Селим Уз, кои, пред делегатите на Комисијата и самите не можеле да кажат дека виделе како паднал Абдулатиф Илхан. 102. Исто така, медицинскиот извештај издаден од д-р Ајдоган при пристигнувањето на Абдулатиф Илхан на ургентното одделение имал недостатоци со оглед дека не ја споменува причината за повредите според она што го кажала жртвата и не упатува на другите повреди и белези на неговото тело. Судот не е убеден дека ова е објаснето на уверлив начин од согледаната потреба за итно упатување на специјалистички преглед во Дијарбакир. Во секој случај тој ја нагласува важноста од соодветно следење на состојбата од страна на јавниот обвинител во утврдување на причината и опсегот на повредите на Абдулатиф Илхан. 103. Од овие причини не може да се смета дека била спроведена делотворна кривична истрага во согласност со членот 13. Оттука Судот утврди дека не бил обезбеден делотворен правен лек во однос на повредите на Абдулатиф Илхан и затоа бил лишен пристап до секакви други достапни правни лекови, вклучително и барање за обесштетување. Последователно, дошло до повреда на членот 13 од Конвенцијата. VI. наводната пракса на властите на прекршување на членовите 2, 3 и 13 од конвенцијата 104. Жалителот се држеше до тоа дека во Турција постоела официјално толерирана пракса на несоодветни и неделотворни истраги на незаконски напади, убиства и сериозно малтретирање со кои се повредувале членовите 2, 3 и 13 од Конвенцијата. Тој упати и на други случаи во врска со настани во југоисточна Турција каде Комисијата и Судот исто така утврдиле прекршување на овие одредби. 105. Земајќи ги во предвид своите наоди согласно членовите 2, 3 и 13 од погоре, Судот не утврди дека е неопходно да утврдува дали недостатоците идентификувани во овој случај се дел од пракса усвоена од страна на властите. VII. примена на членот 41 од конвенцијата 106. Членот 41 од Конвенцијата уредува: „Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка овозможува да се направи само делумно обесштетување, Судот, доколку е потребно, ќе и додели на оштетената страна, правичен надоместок.“ А. Материјална отштета 107. Жалителот се изјасни дека како резултат на повредите Абдулатиф Илхан до тој ден имал медицински трошоци во износ од 8.000.000.000 турски лири (ТРЛ), проценети според вредностите во 1999 год. Тој исто така побарува идни медицински трошоци врз основа на медицински совет во износ од 7.000.000.000 ТРЛ. Ова изнесува 9.708,94 и 8.495,33 британски фунти (ГБР). Жалителот исто така се изјасни дека пред настанот во прашање Абдулатиф Илхан бил земјоделец со сопствени овци, кози и винови лози. Заради своите повреди морал да го напушти селото и брзо да ја продаде стоката за да ги плати своите медицински трошоци и станал трајно неспособен да продолжи со своето претходно занимање. Ако се земе во предвид дека во времето на настанот имал 36 години, како и просечниот животен век на мажите во Турција, и дека како земјоделец заработувал по 339,81 ГБР (280.000.000 ТРЛ) месечно според вредностите за 1999 г., тој побаруваше за загуба на заработувачка капитализирана сума во износ од 70.952,32 ГБР. Неговото вкупно побарување на материјална отштета изнесуваше 89.156,59 ГБР. 108. Владата се изјасни дека немало повреда која требало да се обесштети. Секаков правичен надоместок не би требало да ги надмине разумните граници или да доведе до неправично збогатување. 109. Судот забележува дека постои директна лабава врска меѓу повредите за кои утврди дека му биле нанесени на Абдулатиф Илхан и со кои се повредува членот 3 и минати медицински трошоци и загубена заработувачка коишто жалителот ги побарува во негово име. Владата не го стави под знак прашање износот што го побарува жалителот, освен што посочи дека тој износ не смее да биде неразумен. Оттука земајќи ги во предвид деталните поднесоци на жалителот во врска со овие елементи, коишто вклучуваа и статистичка основа за проценка на соодветниот капитален износ кој ја прикажува загубата на приходи заради повредите на Абдулатиф Илхан, Судот доделува износ од 80.600 ГБР, износ кој треба да му се исплати на жалителот кој ќе го прими во име на Абдулатиф Илхан. Тој не доделува износ за наводни идни медицински трошоци за кои не се поднесени никакви документирани докази и кои затоа мора да се сметаат за главно шпекулативни. Б. Нематеријална отштета 110. Жалителот побаруваше, упатувајќи меѓу другото на сериозноста на повредите и потребата да се поттикне почитување на правните стандарди да се даде делотворен израз на функцијата на Судот во поддршка на јавниот ред на Европа, 40,000 ГБР за нематеријална штета што ја претрпел Абдулатиф Илхан и 2.500 ГБР за него самиот заради повреда на членот 13 која што ја претрпел. 111.  Владата се изјасни дека секаков правичен надоместок не би требало да ги надмине разумните граници или да доведе до неправично збогатување. 112. Судот погоре утврди дека жалителот претрпел сериозна опасна по живот повреда нанесена од жандармите што достигнува мачење спротивно на членот 3 од Конвенцијата. Тој исто така утврдил дека не бил обезбеден делотворен правен лек за ова. Земајќи ги во предвид отштетите што се доделени во претходни случаи од југоисточна Турција во врска со овие одредби (види ја на пример горенаведената пресуда во случајот Аксој, pp. 2289-90, § 113, горенаведената пресуда во случајот Ајдин, p. 1903, § 131, горенаведената пресуда во случајот Текин, pp. 1521-22, § 77, Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, § 130, ECHR 1999-IV, и Махмут Каја цитиран горе, § 138) и со оглед на околностите на овој случај, Судот одлучи да додели вкупен износ од 25.000 ГБР како нематеријална отштета која ќе ја прими жалителот во име на Абдулатиф Илхан. 113. Што се однесува до жалителот, Судот потсетува дека жалбата била поднесена од него во име на неговиот брат. Повредите што ги утврдил Судот согласно членовите 3 и 13 се однесуваат на Абдулатиф Илхан како жртва. Не смета дека постои некаква основа во актуелниот случај за да му се додели отштета на самиот жалител како „повредена страна“ и во согласност со тоа не доделува нематеријална отштета на жалителот лично. В. Трошоци и издатоци 114. Жалителот побарува вкупно 23.922,61 ГБР минус 11.300 француски франци (ФРФ) добиени од Советот на Европа во форма на правна помош. Ова ги вклучува хонорарите и трошоците што биле направени за присуство при изнесувањето докази пред делегатите на Комисијата во текот на двете истраги во Анкара и присуството на расправата пред Судот во Стразбур. Износ од 5.750 ГБР бил наведен како настанати трошоци за хонорари и административни трошоци на Проектот за човековите права на Курдите (КХРП) во својата улога на врска меѓу правниот тим во Обединетото Кралство и адвокатите и жалителот во Турција, како и износ од 1.425 ГБР за превод на материјали од турски на англиски јазик. 115. Владата се произнесе дека само документирани побарувања треба да се рефундираат и дека не постоеле никакви основи да се исплати сумата на КХРП, чија функција е недоволно дефинирана. Тие ја оспорија соодветноста да се доделат високи хонорари и трошоци за адвокати надвор од Турција. 116. Освен трошоците за преводот Судот не е убеден дека хонорарите што се бараат за КХРП навистина настанале. Одлучувајќи на правична основа и земајќи ги во предвид побарувањата поднесени од жалителот тој на жалителот му доделува износ од 17.000 ГБР заедно со секаков данок на додадена вредност на кој можеби подложи, минус 11.300 ФРФ добиени во форма на правна помош од Советот на Европа, и притоа тој износ да се плати на сметка во фунти на жалителот во Обединетото Кралство како што е наведено во неговото побарување за правична надоместок. Г. Казнена камата 117. Судот смета дека е соодветно да се примени законската каматна стапка што се применува во Обединетото Кралство на денот на усвојување на оваа пресуда, имено 7,5% годишно. од овие причина, судот 1. Ги отфрли со шеснаесет гласа наспроти еден прелиминарните преговори на Владата;   2. Одлучи со дванаесет гласа наспроти пет дека немало повреда на членот 2 од Конвенцијата;   3. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата;   4. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 13 од Конвенцијата;   5. Одлучи со шеснаесет гласа наспроти еден  (а) дека тужената држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци, следниве износи конвертирани во турски лири според стапката што ќе важи на денот на исплатата:  (i)  80.600 ГБР (осумдесет илјади и шестотини фунти) како материјална отштета што треба да му се платат на жалителот за неговиот брат Абдулатиф Илхан;  (ii) 25.000 ГБР (дваесет и пет илјади фунти) како нематеријална отштета, износ што треба да му се плати на жалителот за неговиот брат Абдулатиф Илхан;  (б) проста камата со годишна стапка од 7,5% ќе се плаќа на овие износи по истекот на гореспоменатите три месеци до исплатата;   6. Одлучи со шеснаесет гласа наспроти еден  (а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци и на банкарската сметка на жалителот во Обединетото Кралство за трошоците и издатоците, 17.000 ГБР (седумнаесет илјади фунти) заедно со секаков данок на додадена вредност на кој можеби подложи, минус 11.300 ФРФ (единаесет илјади и триста француски франци) кои ќе се конвертираат во британски фунти според курсот што важи на денот да носење на оваа пресуда;  (б) проста камата со годишна стапка од 7,5% ќе се плаќа на овие износи по истекот на гореспоменатите три месеци до исплатата;   7. Едногласно ги отфрли останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.   Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 27 јуни 2000 г.     Лузиус Вилдхабер    Претседател  Микеле де Салвиа  Секретар Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, на оваа пресуда приложени се следниве издвоени мислења:  (а) заедничко мислење на делумно несогласување на г-динот Бонело, г-ѓата Тилкен, г-динот Касадевал, г-ѓата Вајиќ и г-ѓата Греве;  (б) мислење на несогласување на г-динот Голкуклу. Л.В. М. Де С.   © Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на [email protected]. © Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact [email protected]. © Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.   Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : [email protected]   1. Забелешка на секретарот. Протоколот бр. 11 стапи на сила на 1 ноември. 1. Забелешка на секретарот. Извештајот може да се добие од секретарот.

© Rada Europy / Europejski Trybunał Praw Człowieka, źródło: HUDOC (hudoc.echr.coe.int), pozyskano 13.07.2026. · Źródło