54071/00
WyrokETPCz2005-04-07ECLI:CE:ECHR:2005:0407JUD005407100
Analiza orzeczenia
Sekcja wygenerowana przez AI na podstawie treści orzeczenia — nie stanowi cytatu.
Zagadnienie prawne
Czy długotrwałe tymczasowe aresztowanie oparte wyłącznie na powadze zarzutów oraz przewlekłość postępowania karnego naruszyły prawa skarżącej wynikające z art. 5 ust. 3 i art. 6 ust. 1 Konwencji?Ratio decidendi
Trybunał uznał, że początkowe podejrzenie uzasadniało areszt, ale jego przedłużanie nie może opierać się wyłącznie na powadze zarzutów. Władze krajowe nie przedstawiły konkretnych i wystarczających powodów uzasadniających dalsze pozbawienie wolności, takich jak ryzyko ucieczki czy matactwa, a jedynie powoływały się na ustawowe domniemanie z art. 96 § 2 Kodeksu Postępowania Karnego. W odniesieniu do przewlekłości postępowania karnego, Trybunał stwierdził, że sprawa nie była skomplikowana, a opóźnienia wynikały głównie z bezczynności władz śledczych i sądowych, w tym długiego okresu śledztwa oraz rzadkich rozpraw po uchyleniu pierwszego wyroku, co naruszyło wymóg rozsądnego terminu.Stan faktyczny
Skarżąca, Tamara Pavlovna Rokhlina, została aresztowana 3 lipca 1998 r. pod zarzutem zabójstwa męża i przetrzymywana w areszcie tymczasowym do 30 grudnia 1999 r. (1 rok, 5 miesięcy i 27 dni). Jej areszt był wielokrotnie przedłużany przez sądy krajowe, które opierały się głównie na powadze zarzutów. W 2000 r. została skazana, ale wyrok został uchylony przez Sąd Najwyższy w 2001 r., a sprawa wróciła do ponownego rozpoznania. Postępowanie karne, które rozpoczęło się w 1998 r., nadal toczyło się przed sądem pierwszej instancji w momencie wydania wyroku ETPCz, z licznymi opóźnieniami wynikającymi z bezczynności władz i problemów zdrowotnych skarżącej.Rozstrzygnięcie
Trybunał jednogłośnie stwierdził naruszenie art. 5 § 3 Konwencji, naruszenie art. 6 § 1 Konwencji oraz brak naruszenia art. 5 § 4 Konwencji. Zasądził na rzecz skarżącej kwotę 8 000 EUR tytułem zadośćuczynienia za szkody niemajątkowe.Pełny tekst orzeczenia
© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПРВА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА РОХЛИНА против РУСИЈА
(Жалба бр. 54071/00)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
7 април 2005 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
12/10/2005
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Рохлина против Русија
Европскиот суд за човекови права (Првата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Г-дин Ц.Л. Розакис (C.L. Rozakis), претседател,
Г-дин П. Лоренцен (P. Lorenzen),
Г-ѓа Н. Вајиќ (N. Vajić),
Г-ѓа С. Ботоучарова (S. Botoucharova),
Г-дин А. Ковлер (A. Kovler),
Г-ѓа Е. Штајнер (E. Steiner),
Г-дин К. Хаџијев (K. Hajiyev), судии,
и Г-дин С. Квесада (S. Quesada), заменик секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 17 март 2005 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 54071/00) против Руската Федерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на руската државјанка г-ѓа Тамара Павловна Рохлина на 21 декември 1999 година. Таа беше претставувана пред Судот од г-динот А. Кучерена, адвокат со пракса во Москва.
2. Руската Влада („Владата“) беше претставувана од г-динот Лаптев, претставник на Руската Федерација во Европскиот суд за човекови права.
3. Жалителката се жалеше конкретно дека нејзиниот притвор бил претерано долг и разгледувањето на законитоста на нејзиниот притвор не било „брзо“. Таа исто така се жалеше согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата дека кривичното обвинение против неа не било утврдено во „разумен рок“.
4. Жалбата и беше доделена на Првата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во рамките на Секцијата, Судскиот совет што требаше да го разгледа случајот (член 27 § 1 од Конвенцијата) беше формиран согласно правилото 26 § 1.
5. На 23 јануари 2004 г. Претседателот на Првата секција одлучи да и даде приоритет на жалбата согласно правилото 41 од Деловникот на Судот.
6. Со одлука од 9 септември 2004 г., Судот ја прогласи жалбата да делумно допуштена.
7. На 1 ноември 2004 г. Судот го смени составот на своите Секции (правилото 25 § 1). Овој случај бил доделен на новосоставената Прва секција (правилото 52 § 1).
8. И Владата и жалителката поднесоа сопствените забелешки во однос на основаноста (правилото 59 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителката е родена во 1949 година и живее во Москва.
А. Притворот на жалителката
1. Апсење на жалителката
10. На 3 јули 1998 г. жалителката била уапсен под сомнеж дека пукала во својот сопруг, генерал-потполковник Лев Рохлин, член на рускиот Парламент. Истражителот на Обвинителството на Московскиот регион го одобрил нејзиниот притвор. Жалителката била сместена во установата за притвор бр. ИЗ-49/9 во Московскиот регион.
11. На 8 јули 1998 г. жалителката била обвинета за убиство согласно членот 105 § 1 од Кривичниот законик и испитана како обвинета во присуство на г-динот Ванкович, адвокат ангажиран од неа. Таа избрала да молчи во врска со основаноста на обвинението против неа и побарала истражнителот да биде сменет затоа што тој наводно ја заплашувал и покажал непочитување кон неа и нејзиното семејство. На непосочен датум барањето на жалителката било одбиено како непоткрепено.
12. На 16 јули 1998 г. државната Дума на Руската Федерација (долниот дом на рускиот Парламент) формирала специјална комисија за следење на напредокот на истрагата за околностите на смртта на генерал-потполковник Рохлин („Комисијата на Думата“).
13. На 21 август 1998 г. притворот на жалителката бил продолжен до 3 декември 1998 г. Жалителката не се жалела против налогот за продолжување.
2. Првата жалба против продолжувањето на притворот
14. На 1 декември 1998 г. притворот на жалителката бил продолжен до 3 април 1999 г. со што достигнал вкупно девет месеци почнувајќи од денот на нејзиното апсење. На 9 декември 1998 г. адвокатите на жалителката поднел жалба до судот против налогот за продолжување. Тие се жалеле особено на неразумни одлагања во истрагата по обвинението против нивниот клиент и ја посочиле нејзината лоша здравствена состојба. Жалителката поднела дополнителна жалба против налогот за продолжување; таа посочила дека нејзиното пролонгирана одвоеност од нејзиниот син кој страдал од ментално нарушување лошо влијаело на неговото здравје.
15. На 21 декември 1998 г. Љублинскиот окружен суд од Москва ги одбил жалбите против налогот за продолжување. Тој одлучил дека мерката притвор била изречена и продолжена „без никакви битни повреди на законот за кривична постапка“ и дека притворот бил оправдан „бидејќи [жалителката] била обвинета за особено тешко кривично дело“. Судот не утврдил никаква основа за ослободување на жалителката со кауција. На 21 декември 1998 г. и на 10 и 13 јануари 1999 г. адвокатите на жалителката ја обжалиле одлуката на окружниот суд. Тие се изјасниле дека судот не го зел во предвид влошеното здравје на жалителката, долгите периоди на неактивност на тимот од осум истражители, недоследностите во признанијата на жалителката. Тие исто така тврделе дека судот не ја исполнил својата обврска да даде релевантни и доволни причини за продолжениот притвор. На 13 јануари 1999 г. Московскиот градски суд ја разгледал жалбата и одлучил дека сомнежот дека жалителката сторила особено тешко кривично дело бил, согласно членот 96 од Законот за кривична постапка на РСФСР, доволен основ за нејзиниот притвор.
16. На 13 јануари 1999 г. државната Дума на Руската Федерација усвоила посебен указ до главниот обвинител на Руската Федерација. Парламентарците забележале дека истрагата се одвивала бавно, додека жалителката седела во притвор. На 15 декември 1998 г. членовите на Комисијата на Думата се состанале со жалителката во затвор и утврдиле дека нејзината здравствена состојба не бил задоволувачка. Со оглед на лошата здравствена состојба на жалителката и лошите последици заради нејзината долга раздвоеност од нејзиниот син кој страдал од ментално нарушување и со оглед дека таа не претставувала закана за јавноста, Думата побарала од главниот обвинител да размисли за ослободување на жалителката од притвор врз хуманитарни основи.
3. Втората жалба против продолжувањето на притворот
17. На 18 март 1999 г. притворот на жалителката бил продолжен до 3 јули 1999 г., односно на вкупно дванаесет месеци. Адвокатите на жалителката го обжалиле продолжувањето. Тие побарале жалителката да биде ослободена заради нејзината лоша здравствена состојба и претераното пролонгирање на истрагата.
18. На 6 април 1999 г. Љублинскиот окружен суд од Москва одлучил дека притворот на жалителката бил продолжен на законски начин и дека немало суштинска повреда на законите за кривична постапка. Судот одлучил согласно членот 96 од Законот за кривична постапка на РСФСР, дека сомнежот за особено тешко кривично дело бил доволна основа за да се држи во притвор и дека немало вонредни основи кои би оправдале ослободување на жалителката. Судот исто така забележал дека здравствената состојба на жалителката дозволувала да биде држена во притвор.
19. На 11 мај 1999 г. Московскиот градски суд ја отфрлил жалбата на адвокатите на жалителката против одлуката на окружниот суд. Тој го потврдил толкувањето на окружниот суд дека постоењето на сомнеж за инволвираност во особено тешко кривично дело претставувало доволен основ за континуираниот притвор. Судот ги испитал медицинските потврди поднесени од одбраната на жалителката и одлучил дека отсуството на некаква по живот опасна медицинска состојба и со оглед дека полнолетната ќерка на жалителката се грижела за својот брат, жалителката требала да остане во притвор.
4. Последователни продолжувања на притворот и третата жалба против продолжувањето на притворот
20. На 23 јуни 1999 г. било одобрено продолжување на притворот до 3 ноември 1999 г. Жалителката не се жалела против налогот за продолжување.
21. На 8 октомври 1999 г. в.д. главниот обвинител на Руската Федерација го одобрил притворот на жалителката до 3 јануари 2000 г. односно на вкупно осумнаесет месеци.
22. На 15 октомври 1999 г. адвокатот на жалителката, г-динот Бурмистров поднел жалба против налогот за притвор од 8 октомври 1999 г., согласно членот 2201 од Законот за кривичната постапка на РСФСР. Според печатот на првата страница секретарот на Лефортовскиот окружен суд жалбата била примена на истиот датум
23. На 18 или 19 октомври 1999 [датумот не е читок] жалителката поднела рачно напишана жалба против налогот од 8 октомври 1999 г. На истиот датум шефот на центарот за притвор од Лефортово ја доставил заедно со медицинското уверение на жалителката до Лефортовскиот окружен суд. Според печатот на писмото за достава судот го примил документот на 25 октомври 1999 г.
24. Жалителката и нејзиниот адвокат се пожалиле на неоправданите одложувања во истрагата и поднеле дека здравјето на жалителката и на нејзиниот син постојано се влошувале.
25. Во привремената одлука од 25 октомври 1999 г. Лефортовскиот окружен суд закажал разгледување на жалбата од г-дин Бурмистров, за 27 октомври 1999 г. во 15 часот на која требале да присуствуваат обвинителот, жалителката и нејзиниот адвокат.
26. Според белешката обезбедена од Владата, на 26 октомври 1999 г. главното обвинителство испратило одреден материјал во врска со законитоста на притворот на жалителката до Лефортовскиот окружен суд.
27. На 27 октомври 1999 г. жалителката не била донесена во суд бидејќи се разболела. Обвинителот и нејзиниот адвокат дале приговор на одржувањето на расправа во нејзино отсуство. Расправата била одложена за 1 ноември 1999 г.
28. На 1 ноември 1999 г. Лефортовскиот окружен суд од Москва ги сослушал жалбите против налогот за продолжување и ги отфрлил. Судот одлучил дека „изрекувањето на превентивна мерка во форма на притвор и [последователното] продолжување на притворот на жалителката биле законски и оправдани“. Што се однесува до аргументите на одбраната во врска со здравствената состојба на жалителката и негативните последици од нејзината разделеност од нејзиниот син, судот одлучил дека овие аргументи не претставувале „основ што би ја направил мерката што и била изречена на [жалителката] незаконска или неоправдана“. Судот исто така додал дека не бил надлежен да и изрече друга „превентивна мерка“ на жалителката, бидејќи таквата одлука е во исклучива надлежност на истражителите и обвинителите.
29. На 1, 7 и 25 ноември 1999 адвокатите на жалителката ја обжалиле одлуката од 1 ноември. Тие поднеле дека судот не ги зел во предвид битните промени во ситуацијата на жалителката после петнаесет месеци поминати во притвор, вклучително влошената здравствена состојба на нејзиниот син и дека тој не дал никакви релевантни причини за продолжувањето на притворот.
30. На 25 ноември 1999 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката од 1 ноември 1999 г. Судот ги потврдил заклучоците од првостепениот суд во однос на тоа дека „притворот како превентивна мерка можел да се изрече чисто на основ на тежината на [стореното] дело“. Врз основа не медицинското уверение издадено од установата за притвор на 4 ноември 1999 г. судот одлучил дека жалителката можела да биде задржана во притвор.
5. Ослободување од притвор
31. На 23 декември 1999 в.д. главниот обвинител на Руската Федерација побарал од Московскиот градски суд продолжување на притворот на жалителката до 3 јули 2000 г.
32. На 29 декември 1999 г. Московскиот градски суд го одбил барањето на главниот обвинител. Тој на 28 декември 1999 г. утврдил дека жалителката и нејзините адвокати завршиле со проучувањето на случајот и затоа немало никаков законски основ нејзиниот притвор да се продолжи после максимумот од осумнаесет месеци
33. На 30 декември 1999 г. обвинителот наредил ослободување на жалителката од притвор под услов да потпише договор дека нема да го напушти градот.
Б. Судскиот претрес
34. На 16 ноември 2000 г. Градскиот суд на Наро-Фоминск од Московскиот регион ја осудил жалителката за убиство со предумисла на осум години казна затвор во казнено-поправна колонија. Судот го отфрлил записот од распитот направен на денот по нејзиното апсење како недопуштен доказ бидејќи жалителката била испитувана во отсуство на адвокат, нејзините права не и биле објаснети, не била информирана дека распитот се снима со видео и бидејќи имало значителни недоследности меѓу видео записот и печатениот запис.
35. На 21 декември 2000 г. Регионалниот суд на Москва ја потврдил пресудата. Меѓутоа, тој утврдил олеснувачки околности во случајот на жалителката и ја намалил нејзината казна на четири години казна затвор.
36. На 7 јуни 2001 г. Врховниот суд на Руската Федерација по пат на надзорни постапки за ревидирање ги укинал пресудите од 16 ноември и 21 декември 2000 г. и го вратил случајот во Градскиот суд на Наро-Фоминск од Московскиот регион за повторно да биде разгледан.
37. Од 11 октомври 2001 г. кривичниот случај против жалителката чекал пред Градскиот суд на Наро-Фоминск од Московскиот регион.
38. На 25 март 2002 г. постапката била одложена заради болест на жалителката. Тие требале да продолжат на неутврден датум.
39. На 22 април 2003 г. жалителката била однесена во болница затоа што доживеала срцев удар во судницата.
40. На 20 август 2003 г. постапката била одложена заради болест на жалителката. Тие требале да продолжат на неутврден датум.
41. На 15 април 2004 г. постапката била одложена до 13 мај 2004 г. на барање на ќерката на жалителката.
42. На 13 мај 2004 г. расправата била одложена бидејќи еден судски помошник се разболил.
43. На 28 мај 2004 г. жалителката не се појавила на расправата бидејќи морала да го негува синот.
44. На 20 јули 2004 г. расправата била одложена заради отсуство на адвокатот на жалителката. На 8 септември 2004 г. друг адвокат за жалителката не се појавил.
45. На 25 октомври 2004 г. судот одлучил да одржи нова расправа со оглед на фактот дека по природата на неодамна изменетиот член 30 од Законот за кривична постапка, случајот на жалителката можел да биде суден од еден судија или од совет од тројца судии. На 1 ноември 2004 г. жалителката побарала судење со еден судија.
46. Случајот сè уште чека пред судечкиот суд.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Превентивни мерки
47. Законот за кривична постапка на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република („ЗКП“) од 27 октомври 1960 г. (бил на сила до 30 јуни 2002 г.) набројувал како „превентивни мерки“ или „мерки за ограничување“, меѓу другото мерки за спречување на едно лице да напушти одредено место и сместување во притвор (член 89).
Б. Основа за изрекување мерка притвор
48. Одлука со која се изрекува мерка притвор може да донесе само обвинител или суд (членовите 11, 89 и 96). Во подготовката на оваа одлука релевантното надлежно тело требало да земе во предвид дали постоел „доволен основ да се верува“ дека обвинетиот би избегала од истрагата или судењето или би го попречила утврдувањето на вистина или повторно би го повторил делото (член 89), како и да се земе во предвид сериозноста на обвинението, информации за личноста на обвинетиот, неговото (нејзиното) занимање, возраст, здравствена состојба, семејната ситуација и други околности (член 91).
49. Во материјалното време обвинетиот можел да се притвори доколку тој или таа бил/а обвинет/а за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку една година казна затвор или во исклучителни околности (член 96 § 1). Доколку обвинетиот бил обвинет за некакво тешко меѓународно дело наброено во членот 96 § 1 вклучително убиство од небрежност, притворот може да се изрече по единствен основ за опасноста на тоа дело. Пленарната сесија на Врховниот суд конкретно им дал насоки на судовите да избегнуваат секаква проценка на собраните докази или носење заклучоци во врска со вината или невиноста на обвинетиот во одлуките во врска со законитоста и оправданоста на притворот (Резолуција од пленарната сесија на Врховниот суд од Руската Федерација бр. 6 од 29 септември 1994 г., став 9).
50. Налогот на обвинителот, или судска одлука, со која се наложува притвор требал да биде образложен или оправдан (член 92). Обвинетиот требал да биде информиран за налогот за притвор и да му се објасни постапката за поднесување на жалба против истиот (членот 92).
В. Временско ограничување на притворот
Видови на притвор
51. Законот правел разлика меѓу видовите на притвор: едниот бил „за време на истрагата“, тоа е кога овластено тело – полицијата или обвинителство – презема истражни мерки и другиот бил „пред судот“ (или „за време на судењето“), а тоа е кога во судот се расправа за случајот. Иако немало разлика во праксата меѓу нив (притвореното лице вообичаено се држи во истата установа за притвор), пресметувањето на временски ограничувања било различно.
Временски ограничувања за притворот „за време на истрагата“
52. После неговото или нејзиното апсење лицето било сместувано во притвор „за време на истрагата“. Максимално дозволениот период за престој во притвор „за време на истрагата“ бил два месеци но можел да се продолжи до максимум осумнаесет месеци во „исклучителни околности“. Продолжувања биле овластени од обвинители од повисоки хиерархиски нивоа, сè до главниот обвинител на Руската Федерација. Не било дозволено никакво продолжување после осумнаесет месеци (член 97).
53. Условот на притворот „за време на истрагата“ бил пресметуван сè до денот кога истрагата се сметала за завршена и на обвинетиот му бил дозволен пристап до досието на случајот (членовите 97, 199, 200 и 201). Пристапот требало са се дозволи не подоцна од еден месец пред истекувањето на одобрениот период за притворот (член 97). Доколку обвинетиот имал потреба од дополнително време за изучување на досието, судијата кој постапувал по барање на обвинителот можел да дозволи продолжување на притворот на обвинетиот додека не се заврши времето доделено за читање на досието, но не подолго од шест месеци.
Временско ограничување на притворот „пред судот“
54. Откако истрагата се смета дека завршила и обвинетиот го добил обвинението и завршил со читање на досието за случајот досието се префрла во судечкиот суд. Од тој датум притворот на обвинетиот бил „пред судот“ (или „за време на судењето“). Во материјалното време Законот не утврдувал временски рок за притвор „за време на судењето“.
Г. Постапки за испитување на законитоста на притворот
55. Притвореникот или неговиот (нејзиниот) адвокат или претставник можел да го оспори налогот за притвор, или секоја наредна наредба за продолжување, до суд (член 2201). Судијата има обврска да ја разгледа законитоста и оправдувањето на притворот или налогот за продолжување не подоцна од три дена после примањето на релевантните материјали. Разгледувањето требало да се спроведе in camera во присуство на обвинител и адвокатот или претставникот на адвокатот. Притвореникот требало да биде повикан, а разгледувањето во негово отсуство било дозволено само во исклучителни околности кога притвореникот ќе се откажел од своето право на присуство по сопствена иницијатива. Судијата можел или да го отфрли оспорувањето или да го повлече притворот и да нареди ослободување на притвореникот. Одлуката на судијата требала да биде образложена (член 2202).
56. Одлуката на судијата можела да се обжали пред повисок суд. Временскиот рок за разгледување на таквата жалба бил ист како тој утврден за жалби против осудување (види долу) (член 331).
Д. Роковите за судење
57. Разгледувањето на случајот не смеело да започне подоцна од четиринаесет дена откако судијата ќе издадел процедурален налог со кој се утврдувал датумот за расправата (членовите 2231 и 239). Времетраењето на судската постапка не било ограничено.
58. Апелациониот суд требал да ја разгледа жалбата против пресудата на првостепениот суд во рок од десет дена откако ќе ја примел. Во исклучителни околности или во сложени случаи или во постапки пред Врховниот суд на Руската Федерација овој временски рок можел да биде подолг, до два месеци (членот 333). Не биле можни никакви дополнителни продолжувања.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
59. Жалителката се жалеше дека нејзиниот притвор бил неразумно долг. Судот смета дека оваа жалба треба да биде разгледана согласно членот 5 § 3 од Конвенцијата која го уредува следново:
„Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето...“
60. Притворот на жалителката траел од 3 јули 1998 г. кога била притворена до 30 декември 1999 г. кога била ослободена. Периодот кој требал да биде земен во предвид на тој начин достигнал една година, пет месеци и дваесет и седум дена.
А. Аргументи пред Судот
61. Жалителката се изјасни дека лишувањето од слобода е најстрогата мерка на ограничување и дека не требала да биде применета со оглед на нејзиното слабо здравје и постојаното место на живеење во Москва каде што живеела со својот син кој имал ментално нарушување и имал потреба од постојана нега и надзор. Заради позицијата и славата на нејзиниот починат сопруг, таа уживала голема општествена почит и потребата да биде спречена да не го повтори делото не можело да се смета за разумно неопходно. Националните власти не успеале да посочат никакви докази кои би покажале дека имала намера да избега, да изврши притисок на сведоците или да продолжи со кривични активности. Жалителката исто така тврдела дека периодот од осумнаесет месеци за истражување на еден случај на убиство од небрежност во кој била инволвирана обвинетата (жалителката) не можело да се смета за разумно во никој случај.
62. Владата се изјасни дека членот 96 § 2 од Законот за кривична постапка („ЗКП“) од тоа време уредувал упатување во притвор единствено по основ на сериозноста на обвинението. Со оглед дека истражните власти имале разумен сомнеж дека жалителката го сторила убиството од небрежност, нејзиното притворање било законско. Владата тврдеше дека истражителите го одобриле притворот на жалителката земајќи го во предвид нејзиниот висок социјален статус, кој можел да и даде шанса да изврши притисок врз сведоците, и нејзината семејна ситуација. Тие забележаа дека за нејзиниот малолетен син се грижеле нејзини роднини. Севкупното времетраење на притворот на жалителката не го надминал максималниот период од осумнаесет месеци овластен со членот 97 § 2 од ЗКП во случај на тешки и особено сериозни кривични дела. Законитоста на продолжувањата била потврдена во неколку прилики од страна на домашните судови.
Б. Оценка на Судот
63. Судот прифаќа дека разумен сомнеж против жалителката дека му го одзела животот на сопругот можел да го оправда првичниот притвор. Истрајноста на таквиот сомнеж е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор, но после одреден временски период повеќе не е доволен. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквиот основ е „релевантен“ и „доволен“ Судот мора исто така да дознае дали надлежните национални власти покажале „посебна внимателност“ во спроведувањето на постапката (види кај Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 153, ECHR 2000‑IV).
64. Законитоста и разумноста на континуираниот притвор на жалителката биле разгледани од окружните судови на 21 декември 1998 г., 6 април и 1 ноември 1999 г. и од градскиот суд на 12 јануари, 11 мај и 25 ноември 1999 г. Во своите одлуки судовите упорно одлучувале дека континуираниот притвор на жалителката бил законски и оправдан бидејќи била обвинета за сериозно кривично дело и бидејќи немало околности кои дозволувале таа да биде ослободена со оглед дека нејзината здравствена состојба била доволно стабилна а нејзината ќерка можела да се грижи за хендикепираниот син на жалителката. Како што објаснила Владата ограничениот опсег на нивното разгледување било заради актуелниот член 96 § 2 од ЗКП во тоа време кој утврдувал статутарна претпоставка дека кога едно притворено лице било обвинето за тешко или особено тешко кривично дело, судовите не морале да покажат постоење на други основи за да го оправдаат неговиот или нејзиниот притвор.
65. Владата исто така се изјасни, без да упати на ниедна друга судска одлука која всушност упатува на таков основ, дека жалителката требала да остане во притвор бидејќи можела да влијае врз сведоците користејќи го својот висок социјален статус. Судот повторува дека не е негова задача да го заземе местото на националните власти кои одлучувале за притворот на жалителката и да даде сопствена анализа на фактите аргументирајќи за или против притворот (види Nikolov v. Bulgaria, no. 38884/97, § 74, 30 January 2003; Лабита против Италија, цитиран горе, § 152). Такво конкретно тврдење за првпат било направено во постапката пред Судот и домашните судови никогаш не упатувале на таков ризик за време на периодот што се разгледувал.
66. Судот прифаќа дека тежината на казната со која се соочувала е релевантен елемент во проценката на ризикот од бегство. Со оглед на сериозноста на обвиненијата против жалителката властите разумно можеле да сметаат дека таквиот почетен ризик бил утврден. Меѓутоа Судот во повеќе наврати одлучил дека тежината на обвиненијата не може само по себе да послужи за оправдување на долги периоди на притвор (Olstowski v. Poland, no. 34052/96, § 78, 15 November 2001; Ilijkov v. Bulgaria, no. 33977/96, § 81, 26 July 2001). Ова особено важи во случаи, како овој сега, каде карактеризирањето на фактите во законот – и на тој начин казната со која е соочен жалителот – било утврдено од обвинителството без судска контрола на прашањето дали собраните докази поддржувале разумен сомнеж дека жалителот го сторил препишаното дело (види во параграф 49 in fine горе).
67. Судот понатаму потсетува дека континуираниот притвор може да биде оправдан во даден случај само ако постојат конкретни индикации за вистинската потреба од јавен интерес која без разлика на пресумпцијата на невиност, надвладува над правилото за почитување на личната слобода. Секаков систем на задолжителен притвор како таков не е компатибилен со членот 5 § 3 од Конвенцијата, со оглед на обврската на домашните власти да утврдат и демонстрираат постоење на конкретни факти кои го надвладуваат правилото за почитување на поединечната слобода. Префрлањето на товарот на докажување на притвореното лице по такви прашање е еднакво на отфрлање на правилото од членот 5 од Конвенцијата, одредба според која притворот е отстапување од правото на слобода во исклучителни околности и како таков е дозволен во исцрпно набројани и строго дефинирани случаи (Илијаков против Бугарија, цитиран горе, § 84-85, со дополнителни упатувања).
68. Судот одлучи дека одлуките на домашните судови не биле засновани врз анализа на сите важни факти. Тие не ги зеле во предвид аргументите на адвокатот на жалителката дека немала претходно кривично досие, дека имала постојано место на живеење во Москва, семејни врски, стабилен начин на живеење, и уживала висока општествена почит и дека „домашната“ природа на делото за кое била обвинета јасно го намалувала ризикот од повторување или заговор. Извонредно е што одлуката на Лефортовскиот окружен суд од 1 ноември 1999 г. експлицитно посочила дека ниту здравствената состојба на жалителката ниту негативните последици од раздвоеноста од нејзиниот син не биле фактори кои можеле да го направат нејзиниот притвор „незаконски или неоправдан“. Имено, ослободувањето на жалителката од притвор не се случило до истекувањето на максимално дозволениот притвор – осумнаесет месеци без три дена.
69. Судот смета дека со тоа што не успеале да се осврнат на конкретни релевантни факти и потпирајќи се исклучиво на тежината на обвиненијата и префрлањето на товарот на докажување врз обвинетата дека немало дури ни хипотетичка опасност од бегство, повторување на делото или заговор, властите го пролонгирале притворот на жалителката по основ кој не може да се смета за „доволен“. На тој начин властите не успеале да го оправдаат континуираниот притвор за време на периодот што се разгледува. Во вакви околности не е неопходно да се разгледува и дали истрагата била спроведена со „посебна внимателност“.
70. Последователно, дошло до повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
71. Жалителката се жалеше дека одлуката по нејзините жалби по налогот за притвор од 8 октомври 1999 г. била донесена „брзо“ со повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата која го уредува следново:
„Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да покрене постапка со која за кус рок судот ќе одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, да нареди негово ослободување.“
А. Аргументи пред Судот
72. Жалителката се изјасни дека тогаш актуелниот член 2202 § 2 од ЗКП барал проверка на жалбата во врска со законитоста на налогот за продолжување во рок од три дена по примањето на сите материјали. Окружниот суд не се придржувал на временското ограничување во нејзиниот случај. Последователно, на градскиот суд му требале дополнителни дваесет и пет дена за да ја разгледа нејзината жалба против одлуката од 1 ноември 1999 г.
73. Владата се изјасни дека окружниот суд ја примил жалбата од адвокатот на жалителката на 15 октомври 1999 г., а точките на жалбата на жалителката на 25 октомври 1999 г. Копија од попратното писмо на истражното лице покажало дека окружниот суд го добил материјалот за случајот на 26 октомври 1999 г. Расправата била закажана за 27 октомври 1999 г., односно во временскиот рок од три дена утврден во членот 2202 § 2 од ЗКП. Меѓутоа расправата не се одржала на тој ден заради болест на жалителката. На 1 ноември 1999 г. окружниот суд ја разгледал и отфрлил жалбата. На 1, 4, 9 и 12 ноември 1999 г. жалителката и нејзините адвокати ја оспориле одлуката на окружниот суд пред градскиот суд. Расправата пред градскиот суд била закажана за 17 ноември 1999 г. и последователно одложена за 25 ноември 1999 г. бидејќи жалителката побарала дозвола за да се појави лично. На 25 ноември 1999 г. градскиот суд ја потврдил одлуката од 1 ноември 1999 г. Владата сметала дека условите од членот 5 § 4 биле исполнети.
Б. Оценка на Судот
74. Судот потсетува на самиот почеток дека членот 5 § 4, во гарантирањето на правото на уапсените или притворени лица да преземат постапка на оспорување на законитоста на нивниот притвор, исто така го прогласува нивното право, во согласност со поведувањето на такви постапки, на брза судска одлука во врска со законитоста на притворот и наложување истата да се прекине доколку се докаже дека е незаконска. Иако не ги обврзува земјите договорнички да постават второ ниво на јуриздикција за проверка на законитоста на притворот, една држава која применува таков систем во принцип мора на притворениците да им обезбеди некакви гаранции за првостепена жалба (Navarra v. France, judgment of 23 November 1993, Series A no. 273‑B, § 28; Toth v. Austria, judgment of 12 December 1991, Series A no. 224, § 84). Условот одлуката да се донесе „брзо“ недвосмислено е еден вид на таква гаранција; иако една година по инстанца може да биде грубо општо правило во случаите согласно членот 6 § 1, членот 5 § 4 во врска со прашањата на слободата, бара особена експедитивност (види Hutchison Reid v. the United Kingdom, no. 50272/99, § 79, ECHR 2003‑IV). Во тој контекст Судот исто така потсетува дека постои посебна потреба од брза одлука за утврдување на законитоста на притворот во случаите каде се чека на судењето бидејќи обвинетиот во целост треба да го искористи принципот на пресумпција на невиност (види Iłowiecki v. Poland, no. 27504/95, § 76, 4 October 2001).
75. Ако се навратиме на актуелниов случај, Судот забележува дека адвокатот на жалителката и самата жалителка побарале од Лефортовскиот окружен суд да ја разгледа законитоста на нејзиниот притвор во нејзините жалби од 15 октомври и 18/19 октомври 1999 г., во таа насока. Иако жалбата на адвокатот била заврена во окружниот суд на истиот ден (во петок, 15 октомври), на жалбата на жалителката и требале шест дена (од 19 до 25 октомври) за да стигне од центарот за притвор до судот. Владата не понуди никакво објаснување за вака пролонгираното време на проследување на документ во рамките на границите на истата административна област на Лефортово во Москва.
76. Судот забележува дека актуелните правила на кривичната постапка утврдувале временско ограничување од три дена за разгледување на жалба во врска со законитоста на притворот. Меѓутоа временското ограничување било пресметано од датумот на примање на сите релевантни материјали наместо од датумот на поднесување на жалбата (види во параграф 55 горе). Се чини дека во овој случај условот бил исполнет: на 25 октомври 1999 г. окружниот суд добил жалба од жалителката; на 26 октомври 1999 г. главното обвинителство ги упатило релевантните делови од кривичното досие до судот; и првата расправа била закажана за среда, 27 октомври 1999 г. Меѓутоа на тој ден расправата била одложена бидејќи жалителката се разболела. Нејзината влошена здравствена состојба преставувала објективен факт за кој ниту жалителката ниту домашните власти не можеле да се сметаат за одговорни. Давајќи простор од неколку дена за жалителката да закрепне судот закажал нов датум за расправа за понеделник, 1 ноември 1999 г. На тој датум жалбите на жалителката и нејзиниот адвокат биле разгледани и отфрлени.
77. Што се однесува до постапките на жалење, Судот забележува дека една жалба против налогот со која се одбива барањето за ослободување требала да биде разгледана во рок од десет дена од нејзиниот прием (види во параграфите 56 и 58 горе). Жалителката и нејзините двајца адвокати ги поднеле своите точки на жалбата на различни датуми меѓу 1 и 12 ноември 1999 г. Првата расправа била закажана за 17 ноември која е во рамките на тој временски рок од десет дена.
78. Владата тврдеше дека жалбата не можела да биде разгледана на 17 ноември 1999 г. бидејќи жалителката побарала дозвола да се појави лично. Со оглед дека жалителката не тврдеше дека таа го покренала тоа барање во своите точки на жалбата поднесени на поранешни датуми, Судот смета дека настанатото одлагање било заради неа. Градскиот суд и дал дозвола да се појави и ја одложил расправата за една недела. Адвокатот поднел дополнителни поднесоци во име на жалителката. На 25 ноември 1999 г. била разгледана и отфрлена жалбата против одлуката од 1 ноември 1999 г.
79. Вкупното времетраење на постапката на овој начин било приближно еден месец и десет дена (од 15 октомври до 25 ноември 1999 г.). Во текот на тоа време законитоста на налогот за притвор била разгледана на две нивоа на јуриздикција и расправите биле одржани, кога ќе било можно во рамките на домашните временски рокови. Во вакви околности Судот утврдил дека немало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата што се однесува до „брзината“ на разгледувањето обезбедена од домашните судови.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
80. Жалителката се жалеше дека кривичното обвинение против неа не било утврдено во „разумен рок“ како што се бара согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата:
„При утврдувањето на ... некое кривично обвинение против него, секој има право на ... расправа во разумен рок од ... судски орган...“
А. Периодот што треба да се земе во предвид
81. Судот потсетува дека периодот што е земен во предвид во утврдувањето на времетраењето на кривичната постапка започнува со денот на кој лицето е „обвинето“ во рамките на автономното и суштинско значење на тој рок. Завршува со денот на кој обвинението е конечно потврдено или постапката е прекината (види, меѓу другите извори, Kalashnikov v. Russia, no. 47095/99, § 124, ECHR 2002‑VI).
82. Периодот што е разгледуван во конкретниов случај започнал на 3 јули 1998 г. кога жалителката била притворена и сè уште не е завршен, постапката во моментов чека пред судечкиот суд. Судот меѓутоа потсетува дека е соодветно да се земат во предвид само периодите кога случајот всушност чекал пред судовите, односно периодите кога немало правосилна пресуда во случајот на жалителката и кога властите имале обврска да го потврдат обвинението против неа во „разумен рок“ (Yaroslavtsev v. Russia, no. 42138/02, § 22, 2 December 2004). Последователно, периодот меѓу 21 декември 2000 г. кога пресудата од 16 ноември 2000 г. станала правосилна и 7 јуни 2001 г. кога пресудата била поништена, не е земен во предвид.
83. Следи дека периодот што треба да се земе во предвид траел до сега приближно шест години и еден месец.
Б. Разумност на должината на постапката
1. Аргументи пред Судот
84. Жалителката се изјасни дека од отворањето на новата судска постапка во 2001 г. судовите одржувале расправи повремено и често ги одлагале од причини кои таа не можела да ги контролира. Судечкиот суд го одбил нејзиното барање да го смени местото и таа не присуствувала на расправите во судот лоциран на повеќе од 60 км оддалеченост од нејзиниот дом што претставувало напор за нејзината здравствена состојба и ја исцрпувало финансиски. Одлуката од 25 октомври 2004 г. да се одреди нова расправа за насоки би водела кон дополнителни одлагања во случајот и таа означувала, според мислењето на жалителката, почеток на трето повторување на судењето.
85. Владата се изјасни дека постапките во случајот на жалителката биле оддолжени од причини кои не можат да им се препишат на домашните судови, кои ги презеле сите можни мерки за да се обезбеди брзо разгледување на случајот.
2. Оценка на Судот
86. Судот потсетува дека разумноста на времетраењето на постапката треба да се оцени во контекст на конкретните околности на случајот, земајќи ги во предвид критериумите поставени во судската пракса на Судот, особено сложеноста на случајот, однесувањето на жалителот и однесувањето на надлежните власти. Во однос на второво она што го ризикува жалителката исто така треба да биде земено во предвид (види, меѓу повеќето извори, Калашников против Русија, цитиран горе, § 125).
87. Судот забележува дека случајот не сложен со оглед дека неговиот опсег е ограничен на една точка на обвинение за убиство од небрежност, во која жалителката е главниот осомничен. Според тоа не се работи за сложеноста на случајот на која можела да се препише времетраењето на постапката.
88. Ниту пак се чини дека однесувањето на жалителката значително допринело за времетраењето на постапката. Во секој случај Судот повторува дека членот 6 не бара од едно лице обвинето за кривично дело активно да соработува со судските власти. Особено, жалителката не може да се обвини за целосно искористување на ресурсите од националното право во сопствена одбрана (Yağcı and Sargın v. Turkey, judgment of 8 June 1995, Series A no. 319‑A, § 66).
89. Судот одлучи од своја страна дека многуте одлагања на постапката биле предизвикани од она што го правеле домашните власти или повеќе она што не го правеле. Во оваа насока тој потсетува дека жалителката година и половина била држена во притвор – факт кој барал посебна внимателност од страна на судовите кои се занимавале со случајот за да применат правда на експедитивен начин (види Калашников против Русија, цитиран горе, § 132).
90. Во почетната фаза истрагата предизвикала непотребно пролонгирање на постапката. Иако кривичниот случај бил отворен веднаш по кривичното дело, во кое жалителката била само осомничена, на тим од осум искусни истражители им требало повеќе од една година за да ја доведат до судење. Во текот на целата 1998 и 1999 година адвокатите на жалителката во повеќе наврати се жалеле на долгите периоди на неактивност меѓу истражните дејствија, за кои тужената Влада не понудила никакво објаснување.
91. Дополнителни одлагања на постапките произлегле од ретките расправи за време на второто судење. Откако Врховниот суд ја поништил првата пресуда во јуни 2001 г. случајот не бил вратен во првостепениот суд до октомври 2001 г. што е повеќе од четири месеци подоцна. Мора да се признае, во 2003 г. постапките биле одлагани во неколку прилики за да и се даде на жалителката доволно време да закрепне од болеста. Меѓутоа, дури и после нејзиното закрепнување, помалку од десет расправи биле наведени за 2004 г. со значителни одлагање меѓу нив кои се движеле од две недели до неколку месеци. Иако жалителката не била во притвор, Судот одлучил дека судечкиот суд требал да направи постегнат распоред на расправи за да ја забрза постапката (cf. Čevizović v. Germany, no. 49746/99, 29 July 2004, §§ 51 and 60). Конечно, забележува дека после повеќе од шест години на постапки случајот сè уште чека пред првостепениот суд.
92. Земајќи го во предвид горенаведеното, Судот смета дека времетраењето на постапките не го задоволува условот за „разумен рок“. Соодветно на тоа има повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
93. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
94. Жалителката побарува 5.000.000 американски долари надоместок за нематеријална штета.
95. Владата го смета нејзиното побарување за непоткрепено и претерано. Тие сметаа дека симболична сума би претставувала правично надоместок за нематеријалната штета што ја претрпела жалителката.
96. Судот смета дека жалителката мора да претрпела фрустрации, беспомошност и чувство на неправда како последица на одлуката на домашните власти да ја држат во притвор без доволно причини и бавното одвивање на кривичната постапка против неа на која сè уште чека. Тој одлучи дека жалителката претрпела нематеријална штета, што не би била соодветно надоместена со чистото утврдување на повреда. Соодветно на тоа, правејќи ја својата проценка на правична основа и особено имајќи го на ум слабото здравје на жалителката, Судот и доделува 8.000 евра („ЕУР“), плус данок ако се наплаќа за тој износ.
Б. Трошоци и издатоци
97. Жалителката не бараше надоместок за трошоците и издатоците во врска со постапката пред домашните судови или органите на Конвенцијата и ова не е прашање кое судот треба да го разгледа по сопствен предлог (види Motière v. France, no. 39615/98, § 26, 5 December 2000).
В. Казнена камата
98. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;
2. Одлучи дека немало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата;
4. Одлучи
(а) дека тужената Држава треба да и плати на жалителката, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, 8.000 евра (осум илјади евра) за нематеријална штета, конвертирани во руски рубљи според курсот кој ќе важи на датумот на исплатата плус секој данок кој можеби се наплаќа.
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата проста камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
5. Ги отфрла останатите побарувања на жалителката за правичен надоместок.
Изготвено на англиски јазик, и доставено на писмено на 7 април 2005 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Сантиаго Квесада Христос Розакис
Заменик секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги [email protected].
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact [email protected].
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : [email protected].
© Rada Europy / Europejski Trybunał Praw Człowieka, źródło: HUDOC (hudoc.echr.coe.int), pozyskano 12.07.2026. · Źródło