75039/01

WyrokETPCz2006-06-08ECLI:CE:ECHR:2006:0608JUD007503901

Analiza orzeczenia

Sekcja wygenerowana przez AI na podstawie treści orzeczenia — nie stanowi cytatu.

Zagadnienie prawne
Czy okresy tymczasowego aresztowania skarżącej były zgodne z prawem krajowym i Konwencją, a także czy jego łączna długość naruszyła prawo do rozpoznania sprawy w rozsądnym terminie z art. 5 ust. 3 Konwencji?
Ratio decidendi
Trybunał uznał, że aresztowanie skarżącej w okresach od 13 listopada 2000 r. do 12 marca 2001 r. oraz od 12 marca 2001 r. do 8 lipca 2002 r. naruszyło art. 5 ust. 1 Konwencji, ponieważ przekroczono maksymalne terminy przewidziane w prawie krajowym lub brakowało konkretnej podstawy prawnej dla dalszego pozbawienia wolności. W odniesieniu do art. 5 ust. 3, Trybunał stwierdził naruszenie z uwagi na to, że władze krajowe nie przedstawiły wystarczających i konkretnych powodów uzasadniających tak długie aresztowanie, opierając się głównie na ciężarze zarzutów i nie rozważając alternatywnych środków zapobiegawczych.
Stan faktyczny
Skarżąca, Svetlana Gennadyevna Korchuganova, została aresztowana 5 marca 1998 r. pod zarzutem zorganizowania podwójnego morderstwa. Była przetrzymywana w areszcie śledczym przez ponad pięć lat, do 30 kwietnia 2003 r., kiedy to została skazana na trzynaście lat więzienia. W trakcie postępowania krajowego jej areszt był wielokrotnie przedłużany, a sprawa była kilkukrotnie zwracana do dodatkowego śledztwa, co prowadziło do długotrwałego pozbawienia wolności.
Rozstrzygnięcie
Trybunał jednogłośnie: 1. Uznał skargi dotyczące legalności aresztowania skarżącej po 13 listopada 2000 r. oraz długości jej aresztowania za dopuszczalne, a pozostałą część skargi za niedopuszczalną. 2. Stwierdził naruszenie art. 5 ust. 1 Konwencji w odniesieniu do aresztowania skarżącej od 13 listopada 2000 r. do 12 marca 2001 r. 3. Stwierdził naruszenie art. 5 ust. 1 Konwencji w odniesieniu do aresztowania skarżącej od 12 marca 2001 r. do 8 lipca 2002 r. 4. Stwierdził brak naruszenia art. 5 ust. 1 Konwencji w odniesieniu do aresztowania skarżącej od 8 lipca 2002 r. do 30 kwietnia 2003 r. 5. Stwierdził naruszenie art. 5 ust. 3 Konwencji. 6. Postanowił nie przyznawać zadośćuczynienia na podstawie art. 41 Konwencji.

Pełny tekst orzeczenia

© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.   © Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.   © Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.     ПРВА СЕКЦИЈА   СЛУЧАЈОТ НА КОРЧУГАНОВА против РУСИЈА   (Жалба бр. 75039/01)   ПРЕСУДА   СТРАЗБУР   8 јуни 2006 год.   КОНЕЧНА   08/09/2006   Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија. Во случајот на Корчуганова против Русија, Европскиот суд за човекови права (Првата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:  Г-дин Х.Л. Розакис (C.L. Rozakis), претседател,  Г-дин Л. Лукаидис (L. Loucaides),  Г-ѓа  Ф. Тилкен (F. Tulkens),  Г-ѓа  Н. Вајиќ (N. Vajić),  Г-дин А. Ковлер (A. Kovler),  Г-дин Д. Шпилман (D. Spielmann),  Г-дин  С.Е. Јебенс (S.E. Jebens), судии,  и г-дин С. Нилсен (S. Nielsen), секретар на Секцијата, Откако го разгледа случајот на затворена седница на 18 мај 2006 г., Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум: ПОСТАПКА 1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 75039/01) против Руската Федерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на руската државјанка г-ѓа Светлана Генадјевна Корчуганова на 7 јуни 2001 година. 2.  Жалителката беше преставувана пред Судот од г-динот В. Котов, адвокат од Меѓународниот центар за заштита од Иркутск. Руската Влада („Владата“) беше претставувана од нејзиниот агент г-динот П. Лаптев, претставник на Руската Федерација во Европскиот суд за човекови права. 3.  Жалителката се жалеше согласно членот 5 од Конвенцијата на незаконитост на одредени периоди од нејзиниот притвор и негово претерано севкупно времетраење. 4. На 15 ноември 2004 г. Судот одлучи да ја извести Владата за жалбата. Во согласност со одредбите од членот 29 § 3 од Конвенцијата, тој одлучи да ја разгледа законитоста на жалбата истовремено со нејзината допуштеност. 5. Владата приговори на заедничкото разгледување на допуштеноста и основаноста на жалбата. Откако го разгледала приговорот на Владата, Судот го отфрлил. 6. Судскиот совет одлучи, по консултациите со странките дека немало потреба од расправа за допуштеноста и/или основаноста (правилото 59 § 3 in fine). ФАКТИ I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ 7.  Жалителката е родена во 1964 г. и сега ја отслужува својата затворска казна во Иркутск. А. Апсењето на жалителката и притворот додека се чекало на истрагата 8. На 5 март 1998 жалителката била уапсена под сомнеж дека договорила убиство на две лица во 1995 и 1996 г. Следниот ден согласно налогот на окружниот обвинител од Усолие-Сибирскоје таа била притворена десет дена. Налогот упатувал на тежината на „стореното кривично дело“ и веројатноста жалителката да го попречи утврдувањето на вистината. 9. На 16 март 1998 г. обвинителот го овластил притворот на жалителката додека се чека на истрагата. На 15 април 1998г. регионалниот обвинител од Иркутск го одобрил продолжувањето на притворот на жалителката до 27 август 1998 г. Одлуката ги сумирала собраните докази и упатувала на потребата од дополнителни истражни дејствија. 10.  На 24 ноември 1998 г. заменикот главен обвинител го продолжил притворот на жалителката до 27 февруари 1999 г. забележувајќи дека била потребна дополнителна истрага. 11. На 16 февруари и 18 мај 1999 г. в.д. вишиот обвинител одобрил продолжување на притворот на жалителката до 27 мај 1999 г. и 5 септември 1999 г. од причина дека обвинетите не завршиле со проучување на досието. До 5 септември 1999 г. жалителката поминала осумнаесет месеци во притвор. 12. На 26 август 1999 г. Регионалниот суд од Иркутск на барање на регионалниот обвинител го продолжил притворот на жалителката на дополнителни четири месеци до 27 декември 1999 г. Како оправдување Регионалниот суд упатил на големината на досието на случајот (десет фасцикли) и на фактот дека обвинетите биле обвинети за особено сериозни кривични дела. Б. Прво упатување на случајот на судење 13.  На 24 декември 1999 г. случајот бил упатен во Регионалниот суд на Иркутск за судење. 14.  На 13 јануари 2000 г. Регионалниот суд го вратил случајот на дополнителна истрага. 15. На 21 април 2000 г. обвинителството го добило досието на случајот. Регионалниот обвинител го одобрил продолжувањето на притворот на жалителката до 21 мај 2000 г. 16.  На 29 мај 2000 г. Регионалниот суд на барање на регионалниот обвинител го продолжил притворот на жалителката до 21 јули 2000 г. по основ дека обвинетите биле обвинети за особено сериозни кривични дела, со оглед дека досието од случајот се состоело од единаесет фасцикли и дека обвинетите можеле да избегаат. В. Второ упатување на случајот на судење 17. На 21 јули 2000 г. случајот бил упатен на судење по втор пат. 18. На 31 јули 2000 г. Регионалниот суд го вратил случајот на истражителите бидејќи жалителката не добила доволно време за да го проучи досието. Тој наложил жалителката да остане во притвор со оглед на тежината на обвиненијата против неа. 19.  На 17 октомври 2000 Регионалното обвинителство го добило досието и го продолжил притворот на жалителката до 12 ноември 2000 г. 20. На 4 ноември 2000 г. регионалниот обвинител побарал од Регионалниот суд продолжување на притворот на жалителката до 12 февруари 2001 г. со гледиште да и се додели дополнително време за испитување на досието на случајот. 21. На 13 ноември 2000 г. Регионалниот суд кој заседавал во состав од еден судија, го одобрил барањето. Образложението гласело: „Актуелниот случај се состои од дванаесет тома; [читање на досието на случајот] напредува бавно. [Жалителката и двајцата со-обвинети] се обвинети за сериозни кривични дека, а за читањето на досието е потребно многу време. Исто така, [жалителката и двајцата со-обвинети] можат да избегаат од истрагата и правдата или да извршат притисок врз сведоците или други лица; затоа, јас сметам дека е можно да се продолжи притворот на жалителката за три месеци.“ 22. Адвокатот на жалителката, г-динот Котов, ја обжалила одлуката на 13 ноември 2000 г. Тој поднел, конкретно, дека рускиот закон не дозволувал обвинителот да побара дополнително продолжување на притворот после враќањето на случајот на дополнителна истрага. 23.  На 10 јануари 2001 г. Врховниот суд на Руската Федерација ја потврдил одлуката од 13 ноември 2000 г. утврдувајќи го следново: „Обвинението против [жалителката и двајцата со-обвинети] (вклучувајќи и учество во организирана банда, неколку основи на убиство ...) било класификувано како особено сериозно, и во околностите на случајот истрагата разумно сметала дека обвинетите требале да останат во притвор. Барањето за продолжување на притворот било разгледано од Регионалниот суд на Иркутск во согласност со членот 97 од Законот за кривична постапка на РСФСР; обвинетите, нивните адвокати, обвинителот и другите заинтересирани страни биле повикани на суд; [жалителката и со-обвинетите] се појавиле лично ... Судското разгледување беше компатибилно со барањата на Законот за кривична постапка на РСФСР и рускиот Устав. Одлуката на судијата е компатибилна со членот 97 од Законот на РСФСР. Аргументите во насока на тоа дека судот не бил надлежен да го разгледа тоа прашање се спротивни на буквалното значење и суштина на таа одредба. Нема основи за поништување на одлуката...“ 24. На 17 јануари и на 26 февруари 2001 г. барањата на г-динот Котов за надзорно разгледување во однос на одлуките од 13 ноември 2000 г. и 10 јануари 2001 г. биле одбиени. 25. На 15 февруари 2001 Регионалниот суд овластил дополнително продолжување на притворот на жалителката до 12 март 2001 г. Г. Трето упатување на случајот на судење 26. На 12 март 2001 г. случајот бил упатен на судење по трет пат. 27. На 3 април 2001 Регионалниот суд го вратил случајот за дополнително да биде истражен врз основа дека правата на одбрана биле незаконски скратени. Тој наложил обвинетите да останат во притвор со оглед на тежината на обвиненијата против нив. 28. Не е јасно кога случајот бил повторно упатен во Регионалниот суд на Иркутск за судење. Владата се изјаснила дека Врховниот суд не можел да го утврди датумот врз основа на досието на случајот. Ниту било можно да се открие зошто никаква расправа не била закажана до 14 мај 2002 г. 29. На 15 и 19 мај 2002 г. расправите биле одложени на барање на жалителката. На 24 јуни и 1 јули 2002 г. расправите биле одложени бидејќи адвокатот на жалителката не се појавил. 30. На 8 јули 2002 г. Регионалниот суд дозволил продолжување на притворот на тројцата обвинети до 1 август 2002 г. упатувајќи исклучиво на тежината на обвиненијата против нив. 31.  На 25 јули 2002 г. Регионалниот суд побарал дополнително вештачење, ја прекинал постапката и ги притворил обвинетите до 1 ноември 2002 г. посочувајќи ја тежината на обвиненијата. 32. На 30 октомври 2002 г. Регионалниот суд одобрилл понатамошно продолжување на притворот на тројцата обвинети до 1 февруари 2003 г. цитирајќи ја тежината на обвиненијата. 33. На 29 јануари 2003 г. Регионалниот суд го продолжил притворот на обвинетите до 1 мај 2003 посочувајќи дека биле обвинети за тешки кривични дела и со оглед на нивниот „карактер“ тие би избегале доколку биле ослободени. 34. На 30 април 2003 г. Регионалниот суд од Иркутск ја прогласил жалителката за виновна по неколку основи на убиство и ја осудил на тринаесет години затвор во кои било пресметано и времето кое веќе го отслужила во притвор. II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА 1. Законите за кривична постапка 35. До 1 јули 2002 г. кривично-правните прашања биле уредени во Законот за кривична постапка на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (Законот од 27 октомври 1960 г., „стариот ЗКП“). Од 1 јули 2002 г. стариот ЗКП бил заменет од Законот за кривична постапка на Руската Федерација (Законот 174-ФЗ од 18 декември 2001 г., „новиот ЗКП“). 36. Рускиот Устав на 12 декември 1993 г. утврдил дека е потребна судска одлука пред обвинетиот да може да се притвори или неговиот или нејзиниот притвор да биде продолжен (членот 22). Согласно стариот ЗКП одлуката со која се наложувал притвор можела да биде донесена од обвинител или суд (членовите 11, 89 и 96). Новиот ЗКП бара судска одлука од окружен или градски суд по образложено барање на обвинителот, поддржано од соодветни докази (членот 108 §§ 1, 3-6). 37. Пред 14 март 2001 г. притворот бил овластен доколку обвинетиот бил обвинет за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку една година (член 96). Измените и дополнувањата од 14 март 2001 г. ја укинале одредбата која дозволувала обвинетите да се држат во притвор само врз основ на опасната природа на кривичното дело кое го сториле. Новиот ЗКП ги репродуцирал изменетите одредби (членовите 97 § 1 и 108 § 1) и додал дека обвинетиот не требал да биде држен во притвор доколку е достапна помалку строга превентивна мерка. 38. По апсењето осомничениот се носи во притвор „додека се чека на истрагата“. Максималниот дозволен период на притвор “додека се чека на истрагата“ може да се продолжи до осумнаесет месеци „во исклучителни околности“. Не е можно продолжување после осумнаесет месеци (членот 97 од стариот ЗКП, членот 109 § 4 од новиот ЗКП). 39. Пристап до материјалите од досието исто така е дозволен не подоцна пред истекувањето на одобреното времетраење на притворот (членот 97 од стариот ЗКП, членот 109 § 5 од новиот ЗКП). Доколку на обвинетиот му треба повеќе време за проучување на досието на случајот, судија, на барање на обвинителот, може да додели продолжување на притворот додека таквото досие не е прочитано во целост и случајот е испратен на судење (членот 97 од стариот ЗКП, членот 109 § 8 (1) од новиот ЗКП). Согласно стариот ЗКП таквото продолжување би можело да се додели само еднаш и на не подолго од шест месеци. Откако обвинетиот завршил со читање на досието, обвинителот го испраќа случајот до судечкиот суд и од тој датум притворот е „пред судот“ (или „за време на судењето“). 40. Согласно стариот ЗКП надлежниот суд имал право да го врати случајот на „дополнително разгледување“ доколку се утврди дека постоеле процедурални грешки кои не можеле да бидат поправени на судењето. Во такви случаи притворот на обвинетиот повторно бил класификуван како „додека се чека на истрагата“ и понатаму се применувале релевантните временски ограничувања. Меѓутоа доколку случајот бил вратен за дополнителна истрага, но истрагата веќе го искористила целото дозволено време за притвор „додека се чека на истрагата“, надзорен обвинител сепак можел да го продолжи времетраењето на притворот за дополнителни месец дена почнувајќи од датумот кога го примил досието. Последователни продолжувања можат да се доделат само доколку притворот „додека се чека истрагата“ не надмине осумнаесет месеци (членот 97). 2. Судската пракса на Уставниот суд на Руската Федерација 41. Испитувајќи ја компатибилноста на членот 97 од ЗКП на РСФСР со Уставот, на 13 јуни 1996 г. Уставниот суд ја донел следнава одлука: „...доделувањето на доволно време на обвинетиот за разгледување на досието не смее да резултира со... негов притвор за период од неограничено времетраење. Во тој случај таквиот притвор би достигнал санкција за обвинетиот заради користење на своите процедурални права и на тој начин ќе се натера да се откаже од овие права...“ 42.  На 25 декември 1998 г. Уставниот суд издал дополнително појаснување на својот став (одлуката бр. 167-О), утврдувајќи го следново: „3. ... изучувањето на досието [од страна на обвинетиот и неговиот адвокат] е неопходен услов за продолжување на времетраењето на притворот [после осумнаесет месеци] но не може да биде, земено како такво, доволен основ за да се дозволи такво продолжување... Од тие причини во секој конкретен случај барањето на обвинителот за продолжување на периодот на притворот после осумнаесет месеци (членот 97 §§ 4, 6 од ЗКП на РСФСР) мора да упатува не на фактот дека обвинетиот и неговиот адвокат уште го проучуваат досието ... туку повеќе на фактичката информација која демонстрира дека оваа превентивна мерка не може да биде укината и дека правната основа за нејзина континуирана примена останува... 6. ...Членот 97 § 5 од ЗКП на РСФСР изречно уредува дека на барање од обвинителот, судијата може да го продолжи притворот на обвинетиот до времето кога обвинетиот и неговиот адвокат ќе завршат со проучување на досието, а обвинителот ќе го поднесе истото пред [судечкиот] суд, но тоа не треба да е подолго од шест месеци. Соодветно на тоа законот не предвидува постојано поднесување на барања за продолжување на притворот на обвинетиот, дури и откако [ќе се спроведе] дополнителна истрага... Во отсуство на изречна правна одредба која би се однесувала на повторуваните продолжувања на притворот по тој основ, секое друго толкување на [членот 97] би значело повреда на забраната на своеволен притвор согласно значењето на одлуката на Уставниот суд од 13 јули 1996 г.“ ПРАВОТО I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 43. Жалителката се жалеше согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата дека после 5 јануари 2000 г. таа била држена во притвор спротивно на постапката пропишана со домашниот закон. Релевантните делови од членот 5 го велат следново: „1. Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон: ... (в) законско апсење или притвор на лице поради изведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога разумно се смета дека е неопходно лицето да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне...“ А. Допуштеност 44. Судот забележува на самиот почеток дека дел од жалбата на жалителката се однесува на налозите за притвор кои биле издадени повеќе од шест месеци пред таа да поднесе барање до Судот на 7 јуни 2001 г. Неодамнешниот налог за притвор што Судот може да го разгледа бил издаден на 13 ноември 2000 г. Конечната одлука во врска со законитоста на тој налог била донесена на 10 јануари 2001 г., што е во рамките на шест месеци пред поднесувањето на жалбата. Соодветно на тоа Судот одлучи дека делот од жалбата во врска со налозите за притвор издадени пред 13 ноември 2000 г. не бил поднесен на време и морал да биде одбиен во согласност со членот 35 §§ 1 и 4 од Конвенцијата. 45. Судот забележува дека остатокот од оваа жалба не е погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена. Б. Основаност 1. Општи принципи 46.Судот повторува дека изразите „законски“ и „во согласност со процедурата пропишана со закон“ во членот 5 § 1 во основа упатуваат на домашниот закон и ја изразуваат обврската да се прилагодат на суштинските и процедуралните правила од тоа. Меѓутоа, „законитоста“ на притворот според домашниот закон не секогаш е одлучувачки елемент. Судот мора дополнително да биде задоволен дека притворот во текот на периодот што се разгледува бил компатибилен со целта на членот 5 § 1 од Конвенцијата којашто треба да ги спречи лицата да бидат лишени од својата слобода на произволен начин. 47. Судот мора исто така да утврди дали домашниот закон е усогласен со Конвенцијата, вклучително и општите принципи изразени или имплицирани таму. Во однос на оваа последна точка Судот нагласува дека кога се работи за лишување од слобода, особено е важно општиот принцип на законска сигурност да биде задоволен. Затоа е од суштинска важност условите на лишувањето од слобода согласно домашното право да бидат јасно дефинирани и самиот закон да биде предвидлив во неговата примена, за да одговори на стандардот на „законитост“ поставен со Конвенцијата, стандард кој бара целиот закон да биде доволно прецизен за да му дозволи на лицето – доколку е потребно, со соодветен совет – да ги предвиди, до степен што би бил разумен во околностите, последиците кои дадено дејствие може да ги предизвика (види Ječius v. Lithuania, no. 34578/97, § 56, ECHR 2000‑IX; Baranowski v. Poland, no. 28358/95, §§ 50-52, ECHR 2000-III). 2. Притворот од 13 ноември 2000 до 12 март 2001 г. 48. Владата призна дека на 12 ноември 2000 г. временското ограничување од шест месеци дозволено во домашниот закон за да се држи лицето во притвор додека го проучувало досието, истекло. Две последователни продолжувања до 12 февруари и 12 март 2001 г. (види во параграфите 20-21 и 25 горе) биле дозволени над максималниот период утврден во Законот за кривична постапка на РСФСР. 49. Упатувајќи на судската пракса на Уставниот суд (цитирано во параграфите 41 и 42 горе) жалителката сметала дека Регионалниот суд незаконски дозволувал постојано продолжување на нејзиниот притвор за проучување на досието откако истекол максималниот период од осумнаесет месеци и откако нејзиниот притвор веќе бил продолжен еднаш, на 26 април 1999 г. врз основ дека и таа требала да го проучи досието. 50. Судот забележува дека правилата за притворот во тоа време дозволувале до осумнаесет месеци притвор „во исчекување на истрага“, плус до шест месеци со одобрение од судска одлука доколку на обвинетите им требало повеќе време да го проучат досието, и дополнителен месец со одобрение од надзорен обвинител доколку случајот бил вратен за дополнителна истрага (види во параграфите 39 и 40 горе). 51. Судот забележува дека притворот од осумнаесет месеци „во исчекување на истрага“ истекол на 5 септември 1999 г. Регионалниот суд го искористил своето право да додели дополнителни четири месеци на продолжување до 27 декември 1999 г. (види во параграф 12 горе). Последователно, обвинителот ја искористил можноста да одобри дополнителен месец дена притвор до 21 мај 2000 г. (види во параграф 15 горе). Следи дека до почетокот на периодот што се разгледува, односно до 13 ноември 2000 г. никакво дополнително продолжување не било можно согласно домашниот закон за жалителот да биде притворен „додека се чека на истрагата“. Сепак, дополнителни продолжувања биле одобрени на 13 ноември 2000 г. и 15 февруари 2001 г иако властите веќе ги исцрпиле законските можности за продолжување на притворот на жалителката. Нивното непочитување на важечките закони уште помалку може да се објасни во контекст на обврзувачките појаснувања на рускиот Уставен суд од 13 јуни 1996 г. и 25 декември 1998 г. според кои повторените продолжувања на притворот по основ дека обвинетиот не успеал да заврши со проучување на досието, не биле дозволени со закон и не биле компатибилни со гаранцијата против своеволен притвор (види во параграфите 41 и 42 горе). 52. Затоа Судот утврдува дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата со оглед дека притворот на жалителката од 13 ноември 2000 и 12 март 2001 немал основ во домашното право. 3. Притворот од 12 март 2001 до 8 јули 2002 г. 53. Владата се изјасни дека од датумот кога досието било упатено до надлежниот суд па до 8 јули 2002 г. важечките правила на кривичната постапка во тоа време не барале да се издаде посебна одлука за продолжување на притворот на жалителката. Жалителката останала во притвор по основ дека нејзиниот случај го разгледувал Регионалниот суд во Иркутск. Одлагањата во мај и јуни 2002 г. биле заради однесувањето на жалителката и нејзиниот адвокат. 54. Жалителката тврдеше дека најмалку до 14 мај 2002 г. немало одлука за продолжување на нејзиниот притвор. Затоа нејзиниот притвор во тоа време бил незаконски и своеволен. 55. Судот го забележува признавањето од страна на странките на фактот дека во тој период од 12 март до 3 април 2001 г. жалителката била држена во притвор врз основа на фактот дека кривичното дело против неа било упатено до судот надлежен да ја води судската постапка за случајот. 56. Судот веќе ја има разгледувано и има утврдувано повредата на членот 5 § 1 од Конвенцијата во низа случаи поврзани со праксата на држење на обвинети во притвор чисто врз основа на фактот дека обвинението било поднесено до надлежниот суд. Судот има одлучено дека праксата на држење на обвинетите во притвор без конкретна правна основа или јасни правила кои важат во нивната ситуација – со резултат дека може да бидат лишени од нивната слобода на неограничен период без судско овластување – било некомпатибилно со принципите на правна сигурност и заштита од своеволноста, коишто се општи ниски кои се протегаат низ целата Конвенција и владеењето на правото (види Khudoyorov v. Russia, no. 6847/02, §§ 146-148, ECHR 2005‑...; Јечиус, цитиран горе, §§ 60-64, и Барановски, цитиран горе, §§ 53-58). 57. Судот не гледа причини да дојде до различен заклучок во овој случај. Тој повторува дека за притворот да одговори на стандардот на „законитоста“ мора да има основа во домашното право. Меѓутоа Владата не упати на никаква правна одредба која дозволува обвинетиот и понатаму да биде држен откако овластениот притвор ќе истече. Рускиот Устав и правилата на кривичната постапка ги овластуваат обвинителите и судовите да наложат или да го пролонгираат притворот во исчекување на судењето (види во параграфот 36 горе). Никаков исклучок на тоа правило не било дозволено или предвидено без разлика колку е кратко времетраењето на притворот. Како што е забележано горе во периодот до 3 април 2001 г. немало ниту налог на обвинителот ниту судска одлука со која се одобрувал притвор на жалителот. Следи дека жалителката била во правен вакуум кој не бил опфатен од ниедна домашна законска одредба. 58. Понатаму, во периодот од 3 април 2001 до неутврден датум притворот на жалителката се чини дека бил заснован врз одлуката на Регионалниот суд од 3 април 2001 г. да се врати случајот на дополнително разгледување и таа да се задржи во притвор. Меѓутоа таа одлука не упатува на никаква правна одредба која би и дозволила на жалителката дополнителен притвор и не утврдувала никаков рок ниту за континуиран притвор ниту за периодично разгледување на превентивните мерки. Притворот на жалителката продолжил врз очигледно сомнителни основи. Како што и се случило во случајот немало никаков напредок повеќе од една година, кога Регионалниот суд продолжил со расправите во мај 2002 г. Правната основа за притворот на жалителката во тоа време многу сомнително фалела така што ниеден орган не презел одговорност за нејзиниот притвор, ниту направил обид да го официјализира. Владата призна дека немало никаков документ во досието кој би им овозможил да откријат како постапката се развивала во предметниот период. Следи дека притворот на жалителката во тој период не бил во согласност со условите на јасност, предвидливост и заштита од своеволност кои заедно ги сочинуваат суштинските елементи на „законитоста“ на притворот во рамките на значењето на членот 5 § 1 од Конвенцијата. 59. Затоа Судот утврдува дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата со оглед дека притворот на жалителката од 12 март 2001 до 8 јули 2002 немал доволен основ во домашното право. 4. Притворот од 8 јули 2002 г. до 30 април 2003 г. 60. Владата се изјасни дека притворот на жалителката после 8 јули 2002 г. бил продолжен во согласност со Законот за кривична постапка на Руската Федерација. 61. Жалителката не коментираше. 62. Судот забележува дека притворот на жалителката во тој период бил продолжен од Регионалниот суд во четири прилики по основ на тежината на обвиненијата против неа и нејзините со-обвинети. Тој повторува дека одлуката на судечкиот суд да ја задржи мерката притвор не би значела прекршување на членот 5 § 1 кој уредува дека судечкиот суд „дејствувал во рамките на својата јуриздикција ... [и] бил овластен да даде соодветен налог“ (види Јечиус, цитиран горе, § 69; Stašaitis v. Lithuania (dec.), no. 47679/99, 28 November 2000; Karalevičius v. Lithuania (dec.), no. 53254/99, 6 June 2002). 63. Надлежниот суд дејствувал во рамките на своите надлежности при носењето на тие одлуки и нема ништо што би можело да сугерира дека истите биле неважечки или незаконски согласно домашното право. Не се тврдеше дека овие одлуки на друг начин биле некомпатибилни со условите од членот 5 § 1, а прашањето на доволност и релевантност на основите на кои се повикува се анализираат подолу во контекст на придржувањето на членот 5 § 3 од Конвенцијата. 64.  Соодветно на тоа Судот одлучува дека немало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на налозите за притвор издадени меѓу 8 јули 2002 г. и 30 април 2003 г. II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 65. Жалителката се жалеше на повреда на нејзиното право на судење во разумен рок. Таа се повика на членот 5 § 3 од Конвенцијата којшто уредува: „Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член под итно ќе биде изнесено пред судија или друго лице овластено со закон за извршување на судска надлежност и ќе има право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето.“ А. Допуштеност 66. Судот забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3(a) од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена. Б. Основаност 1. Периодот што треба да се земе во предвид 67. Судот забележува дека притворот на жалителката во исчекување на судењето траел од 5 март 1998 г., датумот на апсењето, до 30 април 2003 г., датумот на осудување. Вкупното времетраење на тој начин достигнало пет години, еден месец и дваесет и шест дена. Судот има надлежност ratione temporis да го разгледа периодот после ратификацијата на Конвенцијата од страна на Русија на 5 мај 1998 г. Во спроведувањето на својата оценка тој нема да го занемари својот наод дека значителен период од притворот на жалителката не бил во согласност со одредбите од членот 5 § 1 од Конвенцијата (види Goral v. Poland, no. 38654/97, §§ 58 and 61, 30 October 2003, и Stašaitis v. Lithuania, no. 47679/99, §§ 81-85, 21 March 2002). 2. Разумноста на времетраењето на притворот 68. Владата се изјасни дека притворот на жалителката бил компатибилен со условите од правилата на кривичната постапка. Периодот на притворот бил препишан на нејзината казна. 69.  Жалителката тврдеше дека времетраењето на нејзиниот притвор бил неразумен заради нејзиното слабо здравје. 70. Судот прифаќа дека нејзиниот притвор можеби на почетокот бил оправдан од разумен сомнеж за нејзина инволвираност во извршување на сериозни кривични дела. Меѓутоа по истекувањето на одредено време постоењето на разумен сомнеж само по себе повеќе не е доволно. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода (види Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152 and 153, ECHR 2000-IV). 71. Невообичаеното времетраење на притворот на жалителката – над пет години - е прашање кое многу го загрижува судот. Тој забележува дека во ниеден момент од постапката домашните власти не го разгледувале прашањето дали времетраењето на нејзиниот притвор го надминало „разумното време“. Таквата анализа особено требала да биде истакната во домашните одлуки откако таа поминала повеќе од две години во притвор и истекувањето на максималниот период на притвор „додека се чека на истрагата“ дозволен со домашното право (види во параграф 51 горе; споредено со Худојоров, цитиран горе, § 178). Судот смета дека во овие околности, од руските власти се очекувало да изнесат причини со навистина голема тежина за да ја држат жалителката во притвор толку долго време. 72. Меѓутоа во последователните налози за притвор домашните власти постојано се потпирале на тежината на обвиненијата како на главен фактор за оправдување на дополнителните продолжувања на притворот на жалителката. Иако други факти кои можеле да го оправдаат лишувањето на жалителката од слобода можеби постоеле, тие не биле споменати во одлуките на судовите и не е задача на Судот да утврдува такви факти и да го заземе местото на националните власти кои одлучувале за притворот на жалителката (види Ilijkov v. Bulgaria, no. 33977/96, § 86, 26 July 2001). 73. Што се однесува до потпирањето на домашните власти на тежината на обвиненијата како одлучувачки елемент Судот постојано одлучува дека иако тежината на казната со која се соочува лицето е релевантен елемент во проценката на ризикот од бегство или повторување на делото, потребата да се продолжи со лишувањето од слобода не може да се оцени од чисто апстрактна гледна точка земајќи ја во предвид тежината на делото. Ниту пак продолжувањето на притворот може да се користи во исчекување на затворска казна (види Letellier v. France, judgment of 26 June 1991, Series A no. 207, § 51; Panchenko v. Russia, no. 45100/98, § 102, 8 February 2005; Горал, цитиран горе, § 68; Илијаков, цитиран горе, § 81). 74. Тој понатаму повторува дека континуираниот притвор може да биде оправдан во даден случај само ако постојат конкретни индикации за вистинска потреба од јавен интерес која без разлика на пресумпцијата на невиност, оправдува оддалечување од правилото за почитување на личната слобода. Секаков систем на задолжителен притвор додека се чека судењето како таков не е компатибилен со членот 5 § 3 од Конвенцијата, со оглед на обврската на домашните власти да утврдат и демонстрираат постоење на конкретни факти кои го надвладуваат правилото за почитување на личната слобода. (види Rokhlina v. Russia, no. 54071/00, § 67, 7 April 2005). Во актуелниов случај покрај празното упатување на „карактерот“ на жалителката во една одлука, домашните власти не споменуваат никакви конкретни факти кои го оправдуваат притворот на жалителката. 75. Судот понатаму нагласува дека кога се одлучува дали едно лице треба да биде ослободено или притворено властите имаат обврска согласно членот 5 § 3 да разгледаат алтернативни мерки за обезбедување на негово или нејзино појавување на судењето (види Sulaoja v. Estonia, no. 55939/00, § 64, 15 February 2005; Jabłoński v. Poland, no. 33492/96, § 83, 21 December 2000). Во актуелниов случај за време на целиот период на притворот на жалителката властите не ја зеле во предвид можноста за осигурување на нејзиното присуство со примена на други „превентивни мерки“ кои се изречно уредени во руското право за да се обезбеди соодветно спроведување на кривичните постапки. Во ниеден момент од постапката домашните судови не објасниле во своите одлуки зошто алтернативите на лишувањето од слобода не би овозможиле судењето да се одвива по соодветен тек. Овој пропустот е само дополнително нејасен од фактот дека новиот Закон за кривична постапка изречно бара домашните судови да ги искористат помалку рестриктивните мерки како алтернатива на притворот (види во параграф 37 горе). 76. Исто така, Судот забележува дека четирите последни одлуки со кои се продолжувал периодот на притвор на жалителката не ги зеле соодветно во предвид нејзините лични околности. На 8 и 25 јули и 30 октомври 2002 г. и на 29 јануари 2003 г. надлежниот суд ја искористил истата кратка формула за продолжување на притворот на тројцата обвинети без да ја опише нивната состојба со некаква поединост. Според гледиштето на Судот, овој пристап не е компатибилен како таков со гаранциите што се вградени во членот 5 § 3 што се однесува на тоа дека тој ќе го дозволи континуираниот притвор на група лица без проценка на основите за притворот во секој случај поединечно или придржувањето на условот за „разумен рок“ во однос на секој поединечен член на групата. 77. Судот одлучи дека со тоа што не се осврнале на конкретните релевантни факти и потпирајќи се исклучиво на тежината на обвиненијата, властите не успеале да го оправдаат притворот на жалителката додека чекала на судењето кој го надминал „разумниот рок“. Последователно, дошло до повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата. III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 78.  Членот 41 од Конвенцијата уредува: „Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“ 79. Жалителката не поднела барање за правичен надоместок во рамките на утврдениот временски рок. Соодветно на тоа Судот смета дека нема барање за да и се додели некако износ по тој основ. ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО 1. Ги прогласува жалбите во врска со законитоста на притворот на жалителката после 13 ноември 2000 г. и времетраењето на нејзиниот притвор за допуштени, а остатокот од жалбата за недопуштена;   2. Одлучува дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата со оглед дека за притворот на жалителката од 13 ноември 2000 г. до 12 март 2001 г. немале основ во домашното право;   3. Одлучува дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата со оглед дека за притворот на жалителката од 12 март 2001 г. до 8 јули 2002 г. немало доволен основ во домашното право;   4. Одлучи дека немало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на притворот на жалителката од 8 јули 2002 г. до 30 април 2003 г.;   5. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;   6. Одлучи да не додели надоместок согласно членот 41 од Конвенцијата. Изготвено на англиски јазик, и доставено на писмено на 8 јуни 2006 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.  Сорен Нилсен Христос Розакис  Секретар  Претседател     © Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012. Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги [email protected].   © Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact [email protected].   © Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : [email protected].

© Rada Europy / Europejski Trybunał Praw Człowieka, źródło: HUDOC (hudoc.echr.coe.int), pozyskano 14.07.2026. · Źródło